Нова уметничка изложба „Бегство“ во резиденцијата на ЕУ

Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија и министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска ја отворија уметничката изложба „Бегство“ во ЕУ резиденцијата во Скопје.
Изложбата е продолжение на претходната изложба „Уметноста на досадата“, која беше инспирирана од изолацијата што произлезе од мерките за КОВИД-19 во текот на изминатата година.
„Бегство“ опфаќа дела што нудат излегување од реалноста преку неверојатна уметност, вели кураторот на изложбата Дијана Томик Радевска.
-Денес, повеќе од кога и да е, сакаме да побегнеме од стварноста и влијанието од она што цивилизациски го создадовме (а нè чини живот) и да ја напуштиме реалноста зашто повеќе не ѝ веруваме. Се поттикнуваат етички прашања: ако уметниковиот пристап, како и неговиот краен резултат се корективи на она што го гледаме, тогаш одговорот се наоѓа во бегството низ мислата, вели Томиќ Радевска.
Изборот на уметници го изврши скопската галерија „Акантус“. Посетителите ќе можат да ги видат делата на Стефан Маневски, Газанфер Бајрам, Доротеј Нешовски, Горан Ристевски, Зулејха Зубери Али, Софија Григоријадо, Дурмиш Ќазим, Атанас Ботев, Христијан Томаноски и Воскресија Андреевска.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 30 јуни 2021 година. Резервација на временски интервал за посета и бесплатни билети може да се добијат преку следнава платформа: https://www.eventbrite.com/e/