Нова студија: Голем број од заразените имаат „долг ковид“. Што е тоа и што треба да се преземе?

Генерално, секој втор преживеан доживеал долгорочни манифестации на Ковид-19. Стапките генерално останаа стабилни по еден месец и по шест месеци и подолго


 

Повеќе од половина од 277 милиони луѓе кај кои е дијагностициран Ковид-19 ширум светот од декември 2019 година ќе имаат симптоми познати како „долг Ковид“ до шест месеци по закрепнувањето, покажа ново големо истражување.

Научниците од Медицинскиот колеџ Пен Стејт, кои спроведоа студија објавена во престижниот весник на Американското медицинско здружение (American Medical Association – ЈАМА), предупредуваат дека владите, здравствените организации и професионалците од јавното здравство треба да бидат подготвени за голем број пациенти на кои кога ќе закрепнат од Ковид -19 ќе имаат потреба од грижа заради различни ментални и физички симптоми.

Долгиот ковид влијае на квалитетот на животот

Во нивната студија, тимот спроведе систематски преглед на 57 студии кои вклучуваа податоци за повеќе од 250.000 невакцинирани возрасни и деца дијагностицирани со Ковид-19 од декември 2019 до март 2021 година. Повеќето пациенти (79 отсто) живееле во земји со висок приход и нивната просечна возраст била 54 години.

Истражувачите го анализирале здравјето на пациентите по Ковид-19 во три интервали – за еден месец (краткорочно), за два до пет месеци (среднорочно) и за шест или повеќе месеци (долгорочно).

Според наодите од студијата, учесниците доживеале голем број здравствени проблеми поврзани со Ковид-19 кои влијаеле на нивната општа благосостојба, нивната подвижност или нивните органски системи. Генерално, секој втор преживеан доживеал долгорочни манифестации на Ковид-19. Стапките генерално останаа стабилни по еден месец и по шест месеци и подолго.

Во оваа студија, 79 отсто, или околу 198.000 од заразените, биле хоспитализирани, а околу 53.000 не биле.

Тимот забележа неколку трендови кај преживеаните пациенти:

– Општа благосостојба: Повеќе од половина од сите пациенти пријавиле губење на тежината, замор, треска или болка.

– Мобилност: Приближно еден од пет пациенти доживеал намалување на мобилноста.

– Невролошки проблеми: Речиси секој четврти пациент имал потешкотии да се концентрира.

– Нарушувања на менталното здравје: Речиси секој трет пациент е дијагностициран со општа анксиозност.

– Абнормалности на белите дробови: Шест од десет пациенти имале абнормалности при снимањето на градниот кош, а повеќе од четвртина од пациентите имале тешкотии со дишењето.

– Кардиоваскуларни проблеми: Болка во градите и палпитации беа меѓу вообичаените состојби.

Состојби на кожата: Речиси секој петти пациент доживеал опаѓање на косата или осип.

– Дигестивни проблеми: болки во стомакот, губење на апетит, дијареа и повраќање беа меѓу најчесто пријавените состојби.

Авторите предупредуваат дека во наредните години, давателите на здравствени услуги веројатно ќе забележат зголемен прилив на пациенти со психијатриски и когнитивни проблеми, како што се депресија, анксиозност или посттрауматско стресно нарушување (ПТСН). Врз основа на овие наоди, давателите на здравствени услуги треба соодветно да планираат и да распределат ресурси за ефикасно следење и лекување на овие состојби. Треба да се очекува дека здравствените системи би можеле да останат преоптоварени по пандемијата, особено во сиромашните и земјите со среден приход.

Можни механизми за формирање на долгиот ковид

Тимот на Пен пишува дека механизмите со кои Ковид-19 предизвикува долгорочни симптоми кај пациентите не се целосно познати. Симптомите може да се должат на претерана реакција на имунолошкиот систем предизвикана од вирусот, продолжена инфекција, реинфекција или зголемено производство на антитела кои предизвикуваат оштетување на сопствените ткива на заболените.

Исто така, познато е дека вирусот САРС-КоВ-2 може да навлезе и да живее во нервниот систем. Резултатот се симптоми поврзани со нервниот систем како што се нарушувања на вкусот или мирисот, оштетување на меморијата и намалено внимание и концентрација.

Дури и оние кои немале никакви симптоми може да имаат долг ковид

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) посочува дека дури и луѓето кои биле заразени со Ковид-19 со благи симптоми, па дури и без нив, подоцна може да развијат долг ковид.

За разлика од некои други видови состојби кои обично се јавуваат само кај луѓе кои имале тешка болест, постојат непријатни симптоми кои можат да се случат кај секој што имал Ковид-19. ЦДЦ ги издвои најчестите:

– Тешкотии со дишењето или губење здив

– Замор

– Симптоми кои се влошуваат по физичка или ментална активност (познати и како малаксаност после напор)

– Тешкотии со размислување или со концентрација (понекогаш се нарекува „мозочна магла“)

– Кашлица

– Болка во градите или стомакот

– Главоболка

– Забрзано чукање на срцето или палпитации

– Болка во зглобовите или мускулите

– Чувство на пецкање

– Дијареа

– Проблеми со спиењето

– Треска

– Вртоглавица при стоење

– Исип

– Промени во расположението

– Промени во мирисот или вкусот

– Промени во менструалните циклуси.

Повеќеоргански ефекти на Ковид-19

Некои луѓе кои биле тешко болни со Ковид-19 имаат повеќеоргански последици или автоимуни состојби кои можат да траат со месеци по болеста. Ефектите на повеќе органи може да влијаат на речиси сите телесни системи, вклучувајќи ги функциите на срцето, белите дробови, бубрезите, кожата и мозокот. Автоимуните состојби се јавуваат кога имунолошкиот систем погрешно ги напаѓа здравите клетки во вашето тело, предизвикувајќи воспаление или оштетување на ткивото во погодените делови од телото.

Иако многу ретко, некои луѓе, главно деца, доживуваат мултисистемски воспалителен синдром (МИС). МИС е состојба во која различни делови од телото може да се воспалат.

Последици од болеста или хоспитализација

Хоспитализацијата и тешката болест на белите дробови, вклучително и Ковид-19, може да предизвикаат здравствени последици како што се тешка слабост и исцрпеност за време на закрепнувањето.

Ефектите од хоспитализацијата може да вклучуваат и синдром на пост-интензивна нега (PICS), кој може да се манифестира како тешка слабост, проблеми со размислувањето и расудувањето и посттрауматско стресно нарушување (ПТСН).

Треба да се следат проблемите на децата

Долгиот ковид може да ги погоди и децата и младите, иако кај нив поретко отколку кај возрасните.

Студиите покажаа дека децата биле погодени од симптоми и по лесен и тежок Ковид-19. Меѓу другото, заележен е и претходно споменатиот мултисистемски воспалителен синдром. Но, слично како кај возрасните, најчести симптоми се замор, главоболки, тешкотии со спиењето, тешкотии со концентрација, болки во мускулите и зглобовите и кашлица.

ЦДЦ предупредува дека малите деца може да имаат проблем да ги опишат проблемите со кои се соочуваат.

Ги советуваат родителите дека ако нивното дете има долга историја на влијание врз неговата или нејзината способност да оди на училиште, да ги завршува училишните задачи или да извршува рутински активности, може да биде корисно да разговараат со училиштето на детето за можните прилагодувања на процесот на школување. На пример, наставниците можат да му дадат на детето дополнително време да полага тестови, да постават периоди за одмор во текот на училишниот ден, да направат некои промени во распоредот на часовите итн. (Индекс.хр)