Нова сапунска опера: За што е надлежна, а за што не е Данела Арсовска?

Градоначалничката на Скопје тврди дека нема никаква надлежност за парното греење и бара скопјани да се обратат кон Владата. Од СДСМ ѝ велат конечно да почне нешто да работи


 

СДСМ, Данела Арсовска, Град Скопје и Владата се препукуваат од утрово кој треба да ја реши кризата со централното греење во Скопје, сите префрлајќи се на сигурен терен, односно на темата кој е надлежен за тоа а кој не е, и колку не направиле за проблемот досега. 

Како последно од Град Скопје му порачаа на Мартин Попов „да ги научи обврските и надлежности на Градот како советник кој е платен од буџетските средства на Градот“, наместо да шири пропаганда и невистини со кои им штети и на Градот и на граѓаните. Притоа како главен аргумент го користат барањето на екс-градоначалникот Петре Шилегов да го преземе греењето во Градот, бидејќи очигледно сметал дека на таа тема има што да каже и дека имал ингеренции.  

„Град Скопје уште во 2018 година побара од Владата на Градскиот енергетски систем (ГЕС) да му биде доделен топлификацискиот систем, но и покрај најавите на Владата, Регулаторната комисијата за енергетика (РКЕ) го одби барањето за доделување лиценца за вршење дистрибуција на топлинска енергија. Тоа до денес не е реализирано и се води управна постапка за решавање на овој спор. Член 151 став 1 од Законот за енергетика може да важи само доколку ГЕС како претпријатие ја има лиценцата и е лиценциран дистрибутер на топлинска енергија до домаќинствата, што во случајот е јасно дека истиот закон не е на сила. Уште еднаш го повикуваме советникот Попов, најпрвин да се консултира со стручни лица од областа на правото, како и со неговиот правен тим во СДСМ пред да излегува во јавност и пласира пропагандистички содржини подготвени од штабот на неговата партија“, порачаа од тимот на Арсовска.

Според нив, Град Скопје нема ингеренции во носењето мерки за спречување на енергетската криза и  затоа уште еднаш ја повикуваат Владата да покаже одговорност и итно да донесе јасен план за помош на граѓаните „како што би требало да постапува секоја влада“.

Арсовска, пак, како претседателка Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) побара итен состанок со Владата поради енергетската криза. Таа ја демантирше изјавата на мандатарот Димитар Ковачевски дека според законите топлинската енергија и БЕГ, односно целата инфраструктура за затоплување со парно греење е во надлежност на Град Скопје.

„Јас ја поздравувам изјавата, но обврската е на Владата. Од неа БЕГ има добиена концесија и надлежноста не е на Град Скопје. До 15 септември најголемиот дел на влади во Европа имаат преземено мерки за овие шокови. Општините поради слабата децентрализација имаат лимитирани приходи и не треба да се префрла топката на локалните единици. Префрлањето на вина не е основано, кризата е започната од август, но Владата не преземала никакви чекори. Владата да преземе целосна одговорност и да ѝ помогне на локалната самоуправа“, повика Арсовска.

Ова е уникатен случај на македонската политичка сцена некој да не сака ингеренции во ваква профитабилна сфера, иако со секоја промена на власта се менуваа и главните актери во  енергетиката. Од СДСМ ја обвинија Арсовска дека, освен што секојдневно покажува елементарно непознавање на ингеренциите на еден градоначалник на Град Скопје, не предвидела ниту денар во Буџетот за 2022 за справување со енергетската криза и за затоплување на скопјани.

„Без срам и перде за трипати го намали буџетот за животна средина, неколкукратно го намали буџетот за субвенционирање за набавка на инвертори, а сега Арсовска бега од предизвиците што ги носи енергетската криза. За сѐ што е во интерес на граѓаните Арсовска се иззема и вели дека не е надлежна. Тоа нечесен и неодговорен однос кон градот и неговите граѓани. Очигледно е дека Арсовска не е способна и не може да ги реши проблемите на скопјани па затоа постојано бара оправдување за нејзината неспособност“, порачаа од СДСМ. 

Главниот аргумент на Арсовска, освен немањето ингеренции, е дека општините се презадолжени за да решаваат вакви прашања, посочувајќи го прстот кон Владата која, пак, исто така секоја година влегува во минус со буџетските планирања и државата е презадолжена.  (Н.В.)