Нова рунда напади на ВМРО-ДПМНЕ врз обвинителката Ленче Ристоска


Фото: Б. Грданоски

 

Користејќи ги изјавите на поранешната обвинителка од згаснатото СЈО, Лејла Кадриу, ВМРО-ДПМНЕ отвори нова рунда напади врз обвинителката Ленче Ристоска, која е кандидат за државен јавен обвинител.

„Згаснатото СЈО работеше на раб на законот, најчести гости биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска, советници на Оливер Спасовски, главна обвинителска двојка биле Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски, буџетот се трошел за кафиња, лешници, за договори на роднини и пријатели на обвинителите од СЈО, како и на лица од СДС.

Овие информации во јавноста ги пренесе, Лејла Кадриу поранешна обвинителка од згаснатото СЈО, актуелен адвокат која пак пред СЈО работела во јавното обвинителство во Тетово.

Деталите говорат за тоа дека СЈО непотребно трошело милиони евра на граѓаните. За само два месеци во 2015 година биле потрошени милион евра, а за што очигледно треба да се отвори истрага“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. И додаваат:

„Главни во СЈО, според сведоштвото на Кадриу, биле Ленче Ристоска, претендент за државен јавен обвинител, и Гаврил Бубевски кој сакаше уште еден мандат во скопското јавно обвинителство. 

Ристоска и Бубевски во СЈО биле познати како лица кои не го почитуваат законот. Двајцата се радувале на присуството на Заев и Шекеринска во СЈО и примале од нив предмети не правејќи никаков записник. Во превод во овие предмети можел секој да земе документ и да додаде нов во секое време.

Или кратко кажано, Ристоска и Бубевски само глумат професионалци“.