Нова провокација од Касами, пушташе улица со знаме со „голема Албанија“

Знаме со картата на т.н. „голема Албанија“ денеска повторно се вееше во Општина Тетово. Овој пат знамето беше истакнато додека тетовскиот градоначалник Билал Касами промовираше новоасфалтирана улица.
Од денешното пуштање во употреба на улицата „108“ во Општина Тетово
Касами потоа даваше изјави за медиумите и се фотографираше додека во заднина се вееја знамето на „голема Албанија“ и албанското национално знаме. Тој изјави оти знамињата кои се најдоа на денешниот настан ги поставиле граѓаните како „одговор на провокациите од власта“.
„Не само јас ниту граѓаните не се плашат од ваквите уцени, луѓето веќе се убедени дека мора да има промени на централна власт за да имаат подобри услови во иднина“, изјави Касами оценувајќи дека прекршочните пријави кои беа поднесени против него и Општината поради непочитувањето на Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ се политичка порака до него.
Прашан дали поставувањето на знамето на „голема Албанија“ ќе влијае врз соживотот во Тетово, тетовскиот градоначалник повторно кажа оти тоа е реакција на граѓаните на односот кој власта го има кон нив.
„Ова нема врска со организацијата на настанот и со Општината. Тоа што има врска со нас е промовирањето на оваа улица. Ова е порака до власта да не ги провоцира граѓаните зашто тие соодветно ќе одговорат“,одговори Касами.