Нова книга од доајенот на книжевноста за деца Стојан Тарапуза во „Матица македонска“

„Матица македонска“ објави нова книга од доајенот на македонската книжевност за деца и млади, Стојан Тарапуза. Насловена „Ордени и значки“, новата книга на Тарапуза е издание што треба да го има во секој македонски дом – за повозрасните да ги наврати на јазикот на детството, преку перото на авторот со чиишто дела растеле, а на најмладите да им овозможи да растат со нова книга на нашево време од автор којшто веќе е класик на современата македонска книжевност. Или едноставно, „Ордени и значки“ од Тарапуза е книга што децата од Македонија, самостојно или со своите родители може и треба да ја прочитаат и во текот на претстојниот летен распуст, а со тоа да бидат упатени и во најновата творечка фаза на еден од темелниците на македонската книжевност за најмладите. Книга што е влог во развојот на детската личност!
– Како редок посветеник на литературата за деца и млади, Стојан Тарапуза и во новата поетска книга „Орден и значки“ е доследен во негувањето и во освојувањето на богат и разновиден лирски свет, широко прифатлив за читателите. По бројните и вешто обликувани песни објавени во изминатите шест децении, денес ние го прифаќаме како класик на овој вид литература. Класик, кој најде плодна почва во богатото усно творештво и во лектирата на најдобрите поети од нашето соседство. Учејќи од животот и од добрите поетски мајстори, тој изгради препознатлив стил, негувајќи игриви и певливи песни, со силни национални и универзални пораки, истакнува во рецензијата,
Силјан напоменува и дека Тарапуза вешто влегува во чудесните простори на детето, вклучително и во просторот на детето на XXI век. Тоа е потврден факт, зашто како автор непосредно комуницира со младите читатели – негови современици, освојувајќи ги со непосредноста и со силните поетски пораки. Таа негова едноставност беше забележана и од страна на критиката. Неговата песна е препознатлив глас на новото, модерно и технифицирано време.
Стојан Тарапуза спаѓа во редот на ретките македонски поети, кои во своите песни ја пресликуваат детската душа и низ играта на животот обликуваат препознатлива поетика. Неговите дела со децении се задолжителна лектира во образованието на Република Македонија, а Тарапуза со децении е еден од македонските автори за чиишто дела има најголем интерес и кај самите деца.
Во презентирањето на својата поезија, Тарапуза е спонтан и природен. Тој поседува ретка дарба за непосредна комуникација со читателите. Има вродено чувство за комуникација, но и долгогодишно искуство стекнато во изминатите плодни творечки години, кои сега, во својата напредна животна доба, ги пренесува на неговите следбеници.
Новата книга на Тарапуза е напишана во негов, препознатлив стил, но претставува нова фаза и во неговото творештв и во развојот на современата македонска поезија за деца.
„Орден и значки“ веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска.