Нова детска градинка се гради во Општина Аеродром
Нов објект на детската градика Црвенкапа, клон на градинката Срничка, со капацитет да згрижи 200 деца од предучилишна возраст се гради во Општина Аеродром. Во градинката ќе може да бидат згрижени 170 деца од две до шест години и 30 деца до две години.
– Инвестираме во иднината на нашата држава, тоа е инвестицијата во најмладите, во децата од претшколска возраст. Ова говори за нашата посветеност да се почне со раниот дтски развој преку еден системски организиран начин, низ воспитниот и образовниот процес, затоа што добро одготвени деца од градинки влегуваат подготвени натаму во образовниот процес, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска по увидот во изградбата на градинката.
Таа информира дека изминатите девет месеци биле отворени 12 детски градинки со капацитет да згрижат 700 деца. До крај на годината, рече министерката, ќе бидат завршени 13 детски градинки кои се во изградба, со што ќе бидат обезбедени места за дополнителни 1350 деца. Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, нагласи Шахпаска, се инвестира во кадарот со цел да се обезбеди најквалитетна грижа за најмладите.
Премиерот Зоран Заев нагласи дека грижата за најмладите и вложувањето во правиниот детски развој е заедничка цел и на Владата и на општините во земјава.
– Воспитувањето на најмладите е високо на агендата на Владата и на ресорното Министерство за труд и социјална политика, но и на агендата на македонските општини. Овој нов објект е од исклучително значење во општина Аеродром каде живеат многу млади семејства кои имаат потреба од обезбедување на згрижување и воспитување на нивните деца, рече премиерот Заев.
Тој појасни дека средства за изградба на новата детска градинка вредна околу 96 милиони денари се средства од буџетот на општина Аеродром.
Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин нагласи дека општината со која раководи е фокусирана на обезбедување беспрекорни услови за раст и развој на нашите најмлади жители.
Тој информира дека пред две години бил пуштен во употреба новиот објект на детската градинка „Буба Мара“ изграден според сите современи стандарди и со капацитет за згрижување 200 деца, а неодамна целосно била реконструирана кујната на градинката „Буба Мара“ во населба Лисиче.
Објектот на новата детска градинка е со површина од 1700 метри квадратни, со осум заминални и санитарни јазли за секоја занимала, пропратни простории и нова кујна.