Нов протестен марш во Кочани: Болката на родителите да не се користи за политички маркетинг

Родителите на децата кои трагично загинаа во старшниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на денешниот „Марш за ангелите“ упатија неколку пораки до надлежните во државата но и до оние кои им забележуваат дека ги пуштиле децата во диското, да се преиспитаат, бидејќи нивните најмили не се виновни поради тоа што државата непостапувајќи, овозможила објектот да функционира.
Денешниот протест беше 15-ти по ред и доаѓа по јавното обраќање кое што беше упатено по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, во кое што беа обелоденети шокантни делови од разговорот во Владата, но и по најавата за судски рочишта и во моменти кога јавноста сè погласно бара одговорност од институциите за трагедијата.
Голем број родители, членови на семејствата и блиски пријатели на 63-те жртви во пожатот во дискотеката „Пулс“ повторно излегоа на улиците на Кочани, за да ја изразат својата болка и нивната заложба борбата за правда.
Пред зградата на Општина Кочани, во име на присутните се обрати Драги Стојанов – татко кој го загуби својот единец, 21-годишниот Томче Стојанов, упатувајќи остри критики до општинските власти и советниците, обвинувајќи ги за целосна незаинтересираност и игнорирање на семејствата на жртвите, како и до в.д. градоначалникот Венко Крстевски, затоа што планирал да организира забава за Петровден, само неколку месеци по трагедијата.
Стојанов се обрати и до политичките партии, порачувајќи да ги остават на мир.
„Немојте нашата болка да ја користите за политички маркетинг. Трпението ни е при крај. Немаме што да изгубиме – само вие имате“, рече тој, додавајќи дека правдата не е задоволена, и дека тие нема да се откажат – „ни по цена на сопствениот живот“.
„Ние родителите сме од крв и од месо. како што беа и нашите деца. Ние се бориме за правда, не за политички партии или за било што. Ако јавноста не обвинува нас или било кој од родителите, ние не лажеме“, рече во емотивно обраќање една од присутните на маршот, разочарано додавајќи дека како што гледа правдата нема да излезе на виделина. „Ова не е трагедија, ова е убиство на 62 деца“, додаде таа.
Друга учесничка на маршот рече дека треба да знаат сите дека тие не се партиски определени порачувајќи да не ги напѓаат преку коментари на социјалните мрежи.
„Нашите деца со пари не ги враќаме“, рече таа.
Непосредно пред почетокот на маршот се огласија и од Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, кое во име на семејствата на трагично загинатите деца, испрати јавно соопштение со кое категорично го демантира премиерот Христијан Мицкоски и ја повикува Владата да ја објави целосната видео-снимка од состанокот што се одржал на 7 јули 2025 година, кога тој им рече „да ја одредат цената на нивните деца“.