Нов протест за затворање на цементарницата „Усје“


 

Денеска на пладне повеќе грашани се собраа во центарот на Скопје уште еднаш да протестираат против цементарницата „Усје“. Тие тврдат дека „Усје“ го загадува воздухот во Скопје. „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксус, туку наше право“ беа дел пораките испишани на транспарентите што граѓаните денеска ги носеа на протестот.

Учесниците на протестот повторно побараа затворање на цементарницата „Усје“, велејќи дека економскиот профит не смее да биде над здравјето на граѓаните. Тие бараат инситуциите да дејствуваат.

„Институциите го штитат ‘Усје’, наместо граѓаните. Го признаваат проблемот, но не нудат никакво решение, наместо да нѐ штитат нас. Сето тоа го прават за профит, бидејќи за нив, профитот е најголем приоритет. Скопје е наше, без нас нема да постои Скопје. Историјата покажува дека ниту еден народ што бил сплотен, не бил победен. Затоа, станете народе, ни ги трујат децата“, порача еден активист на протестот пред Владата.

Протестот продолжи пред Собранието, а потоа и пред зградата каде е сместено Министерството за животна средина и просторно планирање.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Тетово, одговарајќи на новинарско прашање за денешниот протест, рече дека секој граѓанин има право јавно да го искаже своето незадоволство.

„Ние како Влада правиме сѐ за граѓаните да имаат здрава и чиста животна средина. Тоа што со децении ништо не е направено, немам што да кажам“, рече тој.