Нов протест во Кочани за правда и одговорност

Родителите, семејствата, роднините, пријателите и сограѓаните на загинатите млади во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани попладнево започнаа протестен марш низ градот. Со „Маршот на ангелите“ тие ја повикуваат јавноста на солидарност. „Бараме правда“, „Не чекајте вашето дете да биде следно“, „Инспекциите спиеле, децата не се разбудија“, „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“, „Каде да фатиме врски да ги вратиме другарите“- се само дел од пораките кои семејствата на загинатите во пожарот на 16 март ги испратија од пред полициската станица во Кочани, општината и пред судот во Кочани.
Родителите нагласија дека ќе очекуваат правична судска постапка, за да има правда за нивните деца. Во спротивно, подготвени се своите барања да ги достават и до Судот за човекови права во Стразбур и ќе бараат поддршка од еминентни домашни и странски правни експерти и адвокати.
Во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 млади лица од Кочани, Штип, Виница, Пробиштип. Струмица, Облешево и Скопје, додека околу 200 лица беа повредени. Семејствата на загинатите во пожарот во Кочани преку протести во градот и во Скопје бараат правда за најголемата трагедија која ја погоди државава и одговорност на сите инволвирани за сите протпусти направени при работата на дискотеката што доведе до трагичниот биланс.
Јавното обвинителство најави дека истрагата ќе заврши во законски предвидениот рок од 90 дена, односно до 16 – 17 јуни. Во постапката за случајот според министерот за внатрешни работи досега има 70 осомничени лица.
Пред протестот родителите испратија соопштение во кое информираат дека одбиваат да се сретнат со премиерот Мицкоски на 13 мај, во вторник. Причината за одбивањето, според соопштението, е доцнењето на поканата и дека уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани зашто сметале дека тоа е разумно и оправдано, особено затоа што дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата.