Нов непотизам на власта: Сопругата на директорот на „Булмак 2016“ именувана за раководител на Агенцијата за пошти

Најновата епизода од непотистичката сага на ДПМНЕ е назначувањето на Марина Тоневска, сопругата на Тони Тоневски (директорот на рудникот „Булмак 2016“ и кандидат за градоначалник на општина Пробиштип од ДПМНЕ), за раководител на Агенцијата за пошти и ќе го регулира работењето на АД Пошта и други поштенски оператори. Станува збор за истото семејство кое управува со рудниците Злетово и Тораница, од каде пред само неколку месеци се случи еколошка катастрофа кога јаловина се излеа во Крива Река и никој не понесе одговорност.
Ова е само дел од пошироката шема на ДПМНЕ за поставување на роднини и блиски луѓе на највисоки позиции во државните институции третирајќи ја државата како фамилијарен бизнис. Потсетуваме на дел од скандалите:
-Сестрата на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, се вработи во ОВР Струга без никакво претходно искуство во безбедносниот сектор;
-Баџанакот на министерот Тошковски „победи“ студент на генерација и стана доцент на Факултетот за безбедност;
-Mинистерот Љутков без јавен оглас ја вработи сестра му во Велешкиот музеј;
–Кумашинот на премиерот Мицкоски, Игор Миќев, стана Државен советник за организација и координација на подрачни единици во Министерството за земјоделство, а неговата сопруга ја поставија на раководна позиција во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој;
-Сестрата на премиерот Мицкоски се вработи на универзитетот во Штип;
–Таткото на министерот Андоновски стана советник на Мицкоски;
–Братот на министерот Андоновски стана началник во АНБ;
–Братучедот на Меџити стана директор во МЕПСО;
–Братот на пратеникот од ДПМНЕ, Игор Здравкоски, стана член на Советот на експерти во Агенцијата за супервизија на осигурување;
–Синот на директорот Александар Панов стана советник на Мицкоски.
Со ДПМНЕ, ова е држава заробена од фамилии – држава каде фотелјите не се добиваат со труд, туку по крвна, кумашинска и партиска линија. Оваа власт ја користи довербата на граѓаните за да ја претвори државата во приватна фирма каде институциите се плен, а јавниот интерес е последна грижа.
