Нов функционер на ДУИ под лупа на истражните органи


По „бомбите“ во кои се споменуваа функционери на ДУИ, по постапката што ја отвори Државната комисија за спречување на корупција за министерот за образование, Арбер Адеми, уште еден функционер од редовите на владејачката ДУИ од вчера е под лупа на истражните органи. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција бара притвор за државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, Јахи Јахија кој се сомничи дека зел поткуп од италијанска фирма и заедно со раководител во Министерството ѝ помогнале да добие тендер. Јахија зел 37.930 евра, раководителот 2.500 евра и на италијанската фирма и давале доверливи податоци за тендерот за избор на фирма која ќе спроведува ИПА проект во вредност од над 1,2 милиони евра.

Според податоците од Обвинителството за гонење на организиран криминал, од јуни 2014 до август 2015 година осомничените три пати биле на патувања во странство кои чиниле 7.000 евра, а им ги платила италијанската фирма. Пред официјално да се објават условите кои требало да ги исполнува фирмата за да го добие тендерот тие и ги пратиле на италијанската фирма. Со ова на фирмата ѝ овозможиле повластена положба и предност во однос на останатирте апликантите, па италијанската фирма била избрана да го спроведува ИПА проектот.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежен јавен обвинител до Судијата на претходна постапка при Кривичниот суд – Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против првоосомничениот кој во 2005 година бил гонет за кривично дело Злоупотреба на избирачкото право по член 161 и во истиот предмет осуден со парична казна за повреда на избирачкото право од член 159 од Кривичниот законик. Второосомниченото лице во моментот не се наоѓа на територијата на нашата држава.

Истрагата се спроведувала изминатите два месеца во соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи со меѓународните организации ОЛАФ и ЕВРОПРАВДА, како и повеќе различни држави Италија, Холандија, Романија и други европски земји.

„Предметот е од меѓународни димензии и е инициран од страна на Европската служба за спречување измама – ОЛАФ, која преку Јавното обвинителство во Милано, Италија, достави замолница за меѓународна правна помош до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. По наредба на надлежен јавен обвинител, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведе истражни дејствија и обезбедување докази во врска со нерегуларности, измами и корупција во неколку проекти спроведени во различни институции во нашата држава, финансирани од Европската Унија“, соопштуваат од Обвинителството.

Заради обезбедување докази направени биле претреси во Скопје и во Куманово, во две фирми и во министерството и во осум фирми во Италија. Одземени се повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација.

Јахи Јахија стапува на функцијата државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација во 2011 година. Од 2000 година работи во Агенцијата за администрација како советник за односи со јавноста и државен советник за координација и селекција на државните службеници. Тој бил уапсен, а раководителот е недостапен за истражните рогани, односно е надвор од Македонија.

Државниот секретар во 2005 година бил гонет за кривично дело злоупотреба на избирачкото право, но добил само парична казна.

По најавата за „метла“ во владината коалиција, во јавноста почнаа да се објавуваат информации кои ги тресат фотелјите на неколкумина функционери на ДУИ. Првин почнаа да се објавуваат „бомби“ на Фејбук профилот на Ел Чека кој најави илјадници бомби за функционерите на ДУИ барајќи меѓународна истрага за Диво насеље. Потоа следуваше аферата поврзана со министерот за образование, Арбер Адеми, а неговата диплома заедно со дипломите на заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули ја истражува Антикорупциската комисија. Претставката ја поднесе инспектор кој тврди дека функционерите  незаконски напредувале во научни звања на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ). (Ф.Ф.С.)