Нов бисер на Тошковски – дивоградбите ќе се уриваат само ако се опасни по живот


Панче Тошковски (Фото: Б. Грданоски)

 

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска додаде уште еден бисер во ѓерданот на неговите несоодветни изјави. Тој рече дека законот за уривање на дивоградбите ќе се почитувал само ако објектите се опасни по живот. Ако не се, тие ќе можат и натаму да си останат дивоградби, а со ваквиот став да се поттикне и кревање на нови. Тошковски не даде објаснување кој би ја направил проценката за објект опасен по живот.

Тој беше прашан што ќе се прави со неовластените градби во Чаир, но и во другите општини во земјата, доколку се утврди дека се изградени без дозвола.

„Секако, ќе постапиме според законот. Доколку се утврди дека станува збор за неовластена градба, доколку се утврди дека претставува опасност по животот на граѓаните, секако дека треба да биде предмет на уривање“, рече Тошковски.

Тој рече дека полицајци вчера влегле во општините Чаир, Сарај и Аеродром, а се очекува истото да го сторат и денес во општина Кисела Вода. 

На ваквата изјава професорката Мирјана Најчевска реагираше многу остро и го нарече министерот „креле неписмено“.

Во реакцијата на Фејсбук Најчевска напиша:

„Креле неписмено, не се уриваат дивоградбите кога се опасни по животот на граѓаните, туку се уриваат затоа што се дивоградби, значи затоа што се изградени со кршење на законот. Дајте бре луѓе донесете на власт некој со 2 грама мозок и со интелектуален капацитет кој му овозможува елементарно разбирање на нештата“.

Реагираше и опозициската СДСМ која изјавата на Тошковски ја нарече „скандалозна“.

„Што сака да каже Тошковски, дека дивоградбите кои неговите институции ќе ги утврдат како неопасни по живот може слободно да продолжат да се градат?

Откако со месеци не постапуваше при чист и очигледен криминал и молчеше, сега конечно Тошковски најде начин како да го одбрани нелегалниот бизнис на неговите коалициски партнери па ги подели дивоградбите на опасни и неопасни.

Вакво релативизирање и одбрана на криминалот може да се нарече слободно историски како што милува неговиот шеф Мицкоски. Со оваа изјава, Тошковски всушност призна дека законот не важи подеднакво за сите. Наместо да покаже дека државата има ред и закон, тој сега конечно најде изговор за да ги спаси тие што му се политички блиски. Со вакви ставови, Тошковски испраќа порака дека криминалците може мирно да спијат“.