Ношпал од Тел Авив: Зелената тоалета на Тамара е долга 12 метри
Поп-ѕвездата Тамара вчера блесна во тоалета во смарагдно зелена боја на првата проба пред настапот во полуфиналето на Евросонг на 16 мај во Тел Авив, Израел.
Во македонскиот евровизиски тим во Tел Авив се наоѓа и дизајнерот Александар Ношпал кој два месеци го осмислуваше изгледот на поп-ѕвездата на престижниот музички настан.
-Тоалетите за Тамара за Евросонг ги правев од срце зашто ја знам од дете и знам дека ќе ја претстави нашата држава во најдобро светло. За настапот дизајнирав долг фустан кој ќе биде и едноставен но и гламурозен. Употребив скапоцени материјали, набавени од Германија-свилен сатен дишес од 12 метри и тул. Сите ја пофалија овде, во Тел Авив, зашто е поинаква, изјави ексклузивно за „Независен весник“ од Тел Авив дизајнерот Ношпал.
Тамара на црвениот односно портокаловиот ќилим, на свеченото отварање на 12 мај ќе блесне во црна тоалета, исто така, на дизајнерот Ношпал.
-Од моето евровизиско искуство, за квалитетен настап не се пресудни парите, туку добра соработка меѓу оние кои се задолжени за тоа. Евросонг е настан од сериозен карактер кој така и треба да се разбере. Настапот на секоја земја може да се каже дека е вид на театарска претстава, па од тука и облеката е резултат на добар концепт, вели Ношпал.
Со 27 години дизајнерски стаж зад себе, и импресивна биографија дома во странство, Ношпал по четврти пат ќе се погрижи за изгледот на нашиот претставник на најпрестижниот музички настан во Европа. Во 2000-та година ги стилизираше „XXL“, во 2002-Каролина Гочева, во 2004-Тоше и годинава Тамара.
Л. Сабит
Кој е Александар Ношпал?
Александар Ношпал е бренд на модната сцена кај нас. Своето високо образование го стекнува во престижната француска академија ЕСМОД во Париз, каде се стекнува со дипломата Моден Дизајнер/Моделист, освојувајќи ја првата награда на Големото стручно жири во чиј состав се познатите Пако Рабан и Жан Шарл де Кастелбажак. Постипломските студии по менаџмент и маркетинг во модата ги завршува на Универзитетот за креативни Уметности во Лондон како Чивенинг стипендист на Британската Влада. За време на неговата кариера, има работено за многубројни фирми и клиенти во областа на модата (Модната куќа Гре во Париз, Ателје Метисаж, Фредерик Моленак, Тетекс, Систина, Кара и.т.н.); потпомогнал со својата дизајнерска работа на многу добротворни кампањи, работел како професор од областа на модниот дизајн и костимофграфијата во земјата и надвор (Црна Гора) и е потписник на стајлингот на најголемите музички и актерски ѕвезди во Македонија…
Со костимографија и сценографија се занимава од 1998 година кога дебитира со представата “Убавицата и ѕверот” во Театарот за деца и младинци, за која освојува неколку неколку интенационални награди. Автор е на над 50 костимографски дела на драми, балети и опери кои се играат на најголемите макдонски национални тетарски институции (МОБ МНТ, Театар за деца и младинци, Драмски театар Скопје, Театар комедија) како и неколку познати национални институции во странство (ХНК Загреб, ХНК Ријека, ХНК Сплит, Градско позориште Подгорица и.т.н.) Соработувал со еминентни имиња во областа на театарот како што се Милко Шпаремблек, Владимир Логунов, Слободан Унковски, Димитар Станковски, Димитрие Османли, Роналд Савковиќ, Лео Мујиќ, Хуго Виера, Џејмс Амар, Наташа Поплавска и др.
Добитник е и носител на повеќе интенационални и домашни Гран При Награди во областа на костимографијата. Дизајнер е на новата гардиска униформа на Армијата на Република Македонија, како и на новата службена и оперативна униформа на Царината на Република Македонија.
Со својата префекционистичка креативност, помалку го има на модните писти, а повеќе во театарските куќи.
– Како дизајнер, и во Македонија и во светските метрополи бев дел од еден многу убав период: време кога дизајнерите го имаа приматот во раце, крајот на големите мајстори и појава на младите генијалци во модата. Париз сеуште беше градот на Високата мода, а со неа управуваа француските куќи…. Времето на топ моделите….. Времето кога сеуште модата ја учевме како занает а не како факултет…..
А сега е време на театарот…. и сакам да ги искусам големите продукциски куќи во светот…. и полека го остварувам тоа…., вели Ношпал.