Левица: Стотици млади правници оставени во неизвесност поради партиски препукувања и калкулации на власта


Иако постојат јасни законски процедури за организирање на правосудниот испит, стотици млади правници кои навремено се пријавиле и уредно ги уплатиле потребните средства останаа без можност да го полагаат испитот во февруарската испитна сесија, која требаше да се одржи од 2 до 20 февруари 2026 година, стои во соопштението на Левица.

„Скандалозната неодговорност на Министерството за правда и министерот Игор Филков повторно ја демонстрира партизираната и нефункционална природа на институциите во државата. До денес не е дадено никакво официјално образложение зошто Министерството за правда не ја формирало Комисијата за полагање на правосудниот испит – чекор без кој самата испитна постапка не може ни да започне. Наместо институционална одговорност и почитување на законските рокови, јавноста е сведок на меѓупартиски препукувања помеѓу членови на Владата околу прашања кои не смеат да бидат изговор за парализирање на целиот систем. Во меѓувреме, младите правници остануваат заложници на политичките калкулации“, велат од Левица.

Дополнително, како што додаваат, загрижува фактот што е доведена во прашање и априлската испитна сесија. Според утврдената динамика, пријавувањето за таа сесија требаше да започне на 1 март и да трае до 15 март, но ниту тоа не се случи. Со ваквото постапување Министерството не само што ги прекршува очекувањата на младите професионалци, туку создава и сериозен преседан во функционирањето на системот за влез во правосудните професии.

Особено е проблематично што токму институцијата која треба да биде чувар на правниот поредок и владеењето на правото демонстрира игнорантски однос кон сопствените законски обврски. Кога Министерството за правда не е способно да обезбеди спроведување на основна процедура како што е правосудниот испит, се поставува сериозно прашање за капацитетот на системот во целина.

„Затоа бараме Министерството за правда и Владата итно да дадат јасен и недвосмислен одговор: Зошто не е формирана Комисијата за полагање на правосудниот испит, кога ќе се организира пропуштената испитна сесија и како ќе се надомести штетата нанесена на стотици млади правници кои се доведени во состојба на неизвесност“, се вели во соопштението до медиумите од Левица.