Норвешка го ратификуваше Протоколот за членство на земјава во НАТО


Министерот за надворешни работи Никола Димитров ѝ се заблагодари на Норвешка за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.

На Твитер тој упати благодарност до Парламентот на Норвешка, а на норвешкиот министер за надворешни работи Ериксен Сореиде му порача дека ја очекува неговата посета на Скопје овој месец.

Сореиде претходно на Твитер на МНР на Норвешка објави дека  Парламентот на Норвешка го ратификувал протоколот за членство на земјава во НАТО.

-Важен чекор за безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко. Во очекување да ја видиме Северна Македонија како сосед на Норвешка на масата на Северноатлантскиот совет, напиша тој на Твитер.

Норвешка е 15-та од 29 земји членки на НАТО кои го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во Алијансата, почнувајќи од 8 февруари 2019 со ратификацијата од Грција.