Нордиските земји нудат огромни можности, постои интерес и потенцијал за интензивирање на економската соработка со Македонија
Нордиските земји нудат огромни економски можности, но за да се навлезе на нивните пазари, потребно е разбирање на стандардите, очекувањата и деловната култура. Како што беше речено на денешниот настан што го организира Шведско-македонската стопанска комора, постои интерес за интензивирање на бизнис-соработката со Македонија, а потенцијал има во повеќе сектори.
Во земјата се присутни 30-ина шведски компании, кои работат во областа на автоиндустријата, телекомуникациите, медицинската опрема, текстилот, здравството, козметиката…

– Трговската динамика со Шведска, Данска и со Норвешка е значително помала од тоа што може да биде. Шведска лани беше наш 19-ти трговски партнер, што е солидно, но очигледен е потенцијалот за поголема и подобра соработка. Истото важи и за Данска и за Норвешка. Данска беше на 43. место на увозници во Македонија, Норвешка на 33. место, а Шведска на 24. место, што покажува дека има интерес за интензивирање на соработката и продлабочување на економските односи. На нордиските пазари Македонија може да понуди извоз на производи од своите најјаки сектори – прехранбената индустрија, чоколади, производи со какао, зеленчук, кондиторски производи и свежа зелка. Од Шведска и од скандинавските земји често увезуваме животинска маст, храна без лактоза, месо и риба. За размената да биде поголема, подинамична и поразновидна, најдобро е да се овозможи директно учество на компаниите на деловни настани, да се реализираат директни средби и состаноци за да се склучат партнерства и да се воспостават деловни врски. Потребно е и директно претставување на нашите производи, на нашата традиција и на извозниот потенцијал – виното, свежиот зеленчук и овошјето, конзервната индустрија, кондиторските производи… Ги покануваме фирмите од нордиските земји да ја посетат Македонија и да стапат во контакт со нашите фирми. Скандинавските економии се меѓу најиновативните во Европа, со силни индустрии и напредни технологии, а имаат и производи со уникатен вкус, кои одговараат на нашата култура – истакна заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа.

Според амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром, целта е да се привлечат што повеќе фирми, кои би работеле во и со Македонија.
– Постои капитал во Шведска што бара можности тука. Има компании во Шведска кои сакаат да понудат производи и услуги на вашиот пазар. Ќе се обидеме да привлечеме уште поголем број фирми. Сакаме да помогнеме да има повеќе трговија, поголем број вработувања и подобри врски меѓу двете зејмји. Имаме и лични контакти преку спортски и културни организации. Еве еден предизвик – напролет излезете од конференциските сали, од плоштадот на Скопје, посетете ги фирмите, претприемачите, организациите. Запознајте ги повеќе луѓето што ги поврзуваат нашите земји. Во мај целата Амбасада ќе патува низ Македонија за да се запознае со овие луѓе. Шведските компании, кои се веќе овде, треба да се поврзат меѓу себе и со нас исто така – нагласи Солстром.

Тој ги повика компаниите да се вклучат во подобрување на економските врски меѓу двете земји.
– Сакаме да создадеме можности во Шведска како дестинација за извоз, но и како извор на инвестиции. Со креативност, работа и поддршка тоа може да се подобри. Којзнае, за две-три години Шведска може нема да биде на 19. место, туку повисоко – дополни амбасадорот.
Солстром во оваа пригода потенцира и дека Македонија има силна поддршка од Шведска во однос на евроинтеграцискиот процес.

Настанот „Бизнис со нордиските земји: Можности за македонските производители“ беше организиран во соработка со шведската организација We Effect.