Номи Рапас го избра Никола Ристановски меѓу тројца кандидати за филмот „Мајка“, вели продуцентката Лабина Митевска
Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот, коментираше на пресот режисерката ТеонаСтругар Митевска

Како холивудска ѕвезда, беше тешко да се дојде до шведската актерка Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“ од 2011. Сепак, имавме среќа да стапиме во контакт, благодарение на нејзината агентка Стела, која била фан на мојот филм „ Господ постои, името ѝ е Петрунија“, сподели денес, на прес-конференцијата во спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје, на новинарско прашање, Теона Стругар- Митевска, режисерката на филмот „Мајка“ инспириран од ликот и делотот на Мајка Тереза која ќе ја има светската премиера на 81, Венециски филмски фестивал на 28 август.

„Кога размислував која актерка може да ја глуми Мајка Тереза, таа беше мојот прв избор, заради нејзината автентичност како актерка, а и во неа ја препознав „панк рок енергијата“, која, иако необична, ми беше важна во толкувањето на ликот. Кога го воспоставивме контактот, таа пред да прифати, сакаше да ги види сите наши филмови. За ликот на отец Фредерик, го имавме во предвид Ристановски, како еден од нашите најистакнати актери во регионот, за кого постојано размислувавме како да го вклучиме во некој наш проект, откри денес на пресот, Стругар-Митевска , преку видео-линк.

За кастингот се надоврза и продуцентката Лабина Митевска.
„Кастингот беше посебна приказна. Кога на Номи и го спомнавме Ристановски како кандидат, таа ни одговори дека мора да и понудиме тројца кандидати и дека таа ќе го избере. Избравме уште двајца познати европски актери, кои во оваа прилика нема да ги именувам. Таа одигра неколку сцени со нив. Веднаш ги елиминира европските актери, и го избра Ристановски, кој во филмот глуми на англиски и на латински. Тој пак ни рече дека му се остварува сонот, откриЛабина.
Улогата на сестра Агнешка ја глуми актерката Силвија Фокс.
Режисерката Теона Стругар Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот, коментираше на пресот Теона Митевска.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен во три земји (Белгија, Македонија и Индија) и, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери, и со буџет од 4 милиони евра, еден од најголемите за снимање на македонски филм.
Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

„МАЈКА“ не претставува биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза пред да зачекори во својата мисија. Филмот се фокусира на клучните седум дена во кои се кршат убедувањата, верата и визијата за иднината. Идејата за филмот започна да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм ‘Тереза и јас’, проект финансиран од Македонската радио телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот ‘МАЈКА’“, изјави продуцентката Митевска.
Тие се првите филмаџии кои по 15 години успеаја да контактираат со хуманитарната фондација на Мајка Тереза во Калкута, Индија, каде и Ристановски снимаше, за да се сними филмот и да ја добијат дозволата да разговараат со единствените 4 живи сестри, сите над 80 години, со кои Мајка Тереза ја почна својата хумана мисија, и со тоа да дојдат до автентични инф0рмации.
„После контраверзниот документарец на Би-би-си за животот и мисијата на Мајка Тереза, тие беа многу скептични, ама кога им кажавме дека доаѓаме од нејзината родна земја Македонија, и дека приказните со сестрите е бидат архивирани кај нив, веднаш се согласија, рекоа на денешниот прес Лабина и Теона Митевски.

„МАЈКА“ на венециска Мостра ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања и други.
Филмот во Венеција, ќе го отвори првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: „La Grazia“, напишан и режиран од оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „МАЈКА“ на Теона Стругар Митевска.
Ова е трет пат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција Авторски денови, 2023).
Л. Сабит