Нобеловката Надија Мурад предупреди дека пандемијата ја зголеми трговијата со жени и насилството


Добитничката на Нобеловата награда за мир Надија Мурад изјави дека пандемијата на Ковид-19 ја зголеми трговијата со жени и родовото насилство, оставајќи го здравјето и безбедноста на жените „на маргините“.

Поранешната затвореничка на екстремистите во Ирак, 27-годишната активистка рече дека полицискиот час, блокадите и ограничувањата за патувања воведени од владите за да се забави ширењето на вирусот имаат негативни последици врз жените ширум светот.

– Наместо да се намали трговијата со луѓе и родовото насилство, пандемијата го зголеми ризикот од експлоатација и бруталност врз оние кои се изложени на најголем ризик. Многу земји регистрираат зголемување на семејното насилство од почетокот на пандемијата, рече таа на состанокот на Обединетите нации за сексуално насилство и трговија со луѓе за време на пандемијата на Ковид-19.

Мурад истакна дека тензиите се зголемиле во ограничените простори за живеење, а наредбите да останат дома „ја зголемија нелегалната трговија со луѓе, далеку од очите на законот“.

Припадничката на ирачкото малцинство језиди, Мурад беше меѓу илјадниците жени и девојки заробени и принудени на сексуално ропство од екстремистите на Исламска држава во 2014 година.

Припадниците на Исламската држава ги убија нејзината мајка и шест браќа. По бегството од Ирак, најде засолниште во Германија и стана активист за човекови права, а во 2018 година ја доби Нобеловата награда за мир, заедно со Денис Меквеге, за напорите да се запре употребата на сексуално насилство како начин на војна во вооружени конфликти.