Њујорк тајмс: САД ги враќаат дипломатите во претставништвата на Блискиот Исток


Вашингтон – Соединетите Американски Држави подготвуваат враќање на дипломатите во амбасадите на Блискиот Исток кои беа евакуирани пред и за време на војната со Иран, што укажува на проценката на администрацијата на претседателот Доналд Трамп дека наскоро нема да има обнова на судирите во полн обем, пренесува „Њујорк тајмс“.

Според интерен документ на Стејт департментот, во кој американскиот весник имал увид, враќањето на службениците би можело да почне уште оваа недела, со постепено укинување на вонредните мерки воведени во американските дипломатски мисии.

Со планот се опфатени амбасадите на САД во Израел, Либан, Саудиска Арабија, Катар, Јордан, Оман, Ирак и Кувајт.

Први би требало да се вратат дипломатите во американската амбасада во Либан, но таа во почетокот нема да биде пополнета во полн капацитет. Целосно враќање на персоналот е планирано во амбасадите во Израел, Јордан и Оман.

Во дипломатските претставништва во Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар и Либан бројот на вработени ќе биде ограничен на околу 85 проценти, додека во Ирак, Кувајт и Бахреин ќе биде ограничен на околу 75 проценти.

Стејт департментот наведува дека безбедносната ситуација во дипломатските мисии континуирано се проценува и дека нивото на присуство се приспособува за да се овозможи спроведување на американската надворешна политика со заштита на персоналот.

Американските амбасади и нивниот персонал за време на војната беа изложени на напади со дронови и ракети поврзани со Иран и неговите регионални сојузници, поради што дипломатските работници претходните месеци беа повлекувани или работеа од своите домови.

Враќањето на дипломатите претставува сигнал дека Вашингтон проценува дека опасноста од непосредна ескалација е помала, но американски функционери предупредуваат дека тоа не значи дека е постигнат траен мир.

Истовремено, преговорите меѓу САД и Иран за продолжување на прекинот на огнот се во застој, додека Вашингтон се закани со нови економски санкции за Техеран.

Американски функционери оценуваат дека враќањето на персоналот може да укажува на настојувањето на администрацијата на Трамп да избегне нова ескалација, но дека одлуката не ја исклучува можноста за повторна евакуација доколку безбедносната ситуација се влоши.