Ниту синоќа не беше конституиран косовскиот Парламент


Приштина – Ниту доцна синоќа Собранието на Косово (во 54-от обид) не беше конституирано, бидејќи немаше доволно гласови за формирање комисија за тајно гласање за избор на претседател.

Претставниците на Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Српската листа и коалицијата на Алијансата за иднината на Косово и НИСМА ниту синоќа не предложија членови на изборната комисија за тајно гласање, туку го обвинија претседателот на конститутивната седница, Авни Дехари, за узурпирање на седницата и погазување на Уставот и одлуките на Уставниот суд на Косово.

Како и претходно, од 1 мај до синоќа Дехари ги прекинуваше во говор сите со исклучување на микрофоните.

Од присутните 103 пратеници, 56 гласаа за формирање на комисијата.

Дехари ја прекина седницата и објави дека според одлуката на Уставниот суд од 26 јуни, од денеска до 8 август, парламентот не може да заседава ниту да одлучува за кое било прашање.

Се очекува до 8 август Уставниот суд да донесе пресуда врз основа на барањето поднесено од пратениците на ДПК и ДСК за уставноста на инсистирањето на претседателот на тајно гласање.