Ниските температури се нов предизвик по земјотресот во Мароко, граѓаните бесни


Новинарот на Ал Џезира, Абдел Мумин Ел Амрани, известувајќи од Маракеш, вели дека многу луѓе сè уште ноќеваат во јавни паркови и плоштади поради оштетените домови. Нов проблем е тоа што температурите почнаа да опаѓаат во вечерните часови.

„Ако температурата паднала во Маракеш, можете само да замислите (како е) во планините. Ова е нов предизвик, кој се надоврзува на трката со времето во која моментално се вклучени мароканските власти со сите нивни апарати“, вели тој.

Хашем Ахелбара, известувајќи од селото Талат Н’Јакуб, истакна дека карпите што паднале преку патиштата се најголемата пречка за тимовите за пребарување и спасување.

Талат Н’Јакуб, кој се наоѓа на 90 километри јужно од Маракеш, а потребни биле шест часа возење до таму.

„Армијата ги распоредува своите хеликоптери во епицентарот на земјотресот и сите села погодени од земјотресот. Тоа е трка со времето за да се најдат луѓе кои се уште се заробени под урнатините“, рече тој.

Мароко досега ја прифати помошта од четири странски земји
Мароко вчера објави дека прифатила помош од четири странски земји, додека многу други земји исто така потврдија дека се подготвени да испратат помош. Властите „во оваа фаза“ одговорија позитивно на понудите од Шпанија, Велика Британија, Катар и Обединетите Арапски Емирати „да испратат тимови за пребарување и спасување“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Тие истакнаа дека странските тимови се во контакт со мароканските власти за да ги координираат напорите и дека само четири понуди биле прифатени бидејќи „недостатокот на координација може да биде контрапродуктивен“. Други понуди може да бидат прифатени во иднина „доколку е потребно“, соопшти Министерството. Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека се подготвени да пружат помош „во моментот“ што Мароко ќе го побара тоа.

Шпанија испрати 86 спасувачи и осум кучиња трагачи во Мароко за да помогнат во потрагата и спасувањето на преживеаните од разорниот земјотрес.

„Ќе испратиме сѐ што е потребно бидејќи сите знаат дека овие први часови се клучни, особено ако има луѓе затрупани под урнатините“, објави шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес на јавната телевизија.

Граѓаните се бесни, им снемува залихи
Постои фрустрација кај граѓаните што помошта не стигнува до градовите и селата во руралните планински области јужно од Маракеш. Асни е на само 50 километри од Маракеш, а луѓето велат дека итно им е потребна помош. Толпа гневни луѓе го опколија локалниот новинар, насочувајќи ги своите фрустрации кон него.

„Немаме храна, немаме леб, зеленчук. Немаме ништо. Никој не дојде кај нас, немаме ништо. Имаме само Бог и крал“, рече еден човек од толпата кој не сакаше да го каже своето име.

Од земјотресот тој со жената и четири деца живее до главниот селски пат. Нејговата куќа сѐ уште стои, но сите ѕидови се испукани и премногу се плашат да останат таму, јавува Би-Би-Си.

Успеале да се вратат и да донесат ќебиња на кои сега можат да спијат. Додека камионот минуваше покрај толпата, некои луѓе се обидоа да го спречат, очајно надевајќи се дека носи залихи. Новинарот кој беше во центарот на толпата беше придружуван од полицијата, додека сè уште го следеа луѓе очајни да го истурат гневот.

Некои велат дека добиле шатори од владата, но никаде ги нема доволно за сите луѓе на кои им се потребни. „Немам средства да ја обновам куќата. Во моментов ни помагаат само локални жители“, се пожали Мбарка, една од многуте жени кои живеат во шатор. Пред земјотресот живеела во куќа со две ќерки, зет и три внуци.

Повеќе од две илјади мртви
Последните информации велат дека бројот на загинати во земјотресот во Мароко се искачи на 2.122 лица, соопштија вооружените сили на земјата. Повредени се најмалку 2.421 лице. Има предупредувања дека бројот на загинати може да продолжи да расте бидејќи спасувачите стигнаа до оддалечените рурални области.