НИС утре однапред ќе исплати плати, руската страна спремна да продаде шест отсто од уделот


Вработените во НИС утринава добиле известување дека однапред ќе им бидат исплатени февруарските плати. Неофицијално, се смета дека платата за март ќе биде однапред исплатена до крајот на овој месец, пишува Компас-инфо, а пренесува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.

„Со оглед на тоа што активно работиме на изнаоѓање конечно решение во однос на американските санкции против нашата компанија, одлучено е исплатата на авансите на платите за февруари да биде извршена до 19 февруари. Нашата компанија ја донесе оваа одлука со цел да обезбеди безбедност и заштита на вработените и да ја одржи нивната финансиска и социјална стабилност“, се наведува, меѓу другото, во известувањето по електронска пошта до вработените. до која имал увид Компасинфо.

Причината за предвремената исплата на платите, како што пренесува СЕЕбиз е стравот дека нема да има доволно пари за исплата на редовни плати поради најавата на банките дека како дел од американските санкции кон НИС ќе ги прекинат сите меѓународни плаќања на 28 февруари.

Според порталот, НИС и српската влада неофицијално разгледуваат неколку решенија, а сето тоа се сведува на изнаоѓање посредник за набавка на нафта и опрема на меѓународниот пазар.

Едно решение е една од странските нафтени компании (неофицијално се споменува МОЛ) да купува нафта за НИС на светскиот пазар, која ќе ја препродава на оваа компанија во Србија, а за возврат да добие поповолна цена кога суровината ќе се преработи во нафтени деривати во рафинериите на НИС.

Друго решение е Владата на Србија да формира Агенција за нафтени деривати која ќе се занимава со купување и увоз на нафта, а потоа ќе ја препродава во Србија на сите заинтересирани страни, вклучително и НИС.

Третото решение е да се формира приватна компанија која би купувала и увезувала сурова нафта, а потоа би ја препродавала на НИС во Србија.

Според неофицијални информации на Компас, руската страна е подготвена да и продаде на Србија шест отсто од својот удел во НИС, со што уделот на Русија би се намалил на 49 отсто. Кремљ, наводно, официјално ја информирал српската влада дека ова е единствената отстапка на која руската страна може да се согласи и дека во овој момент не се заинтересирани за продажба на НИС, објави Компас. (СЕЕбиз)