Нинисто: Финска нема да влезе во НАТО без Шведска


 Финска нема да влезе во НАТО без Шведска, изјави финскиот претседател Саули Нинисто на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера во Хелсинки.

– Велам дека случајот со Шведска е и наш. Тоа значи дека одиме рака под рака, истакна Нинисто.

Столтенберг рече дека НАТО нема рок до кој би требало да ги прифати нордиските земји во своето членство.

Шведска и Финска минатиот месец поднесоа барање за членство во НАТО како одговор на руската инвазија врз Украина но се соочија со противење од Турција, која ги обвини дека ги поддржуваат и засолнуваат курдските милитанти и другите групи кои Анкара ги смета за терористи.

Според Столтенберг, загриженоста за безбедноста што ја искажа Турција во нејзиното противење за барањата за членство на Финска и Шведска во НАТО е легитимна.

– Тоа се легитимни грижи. Се работи за тероризам, се работи за извоз на оружје, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со Нинисто во неговата летна резиденција во Нантали.

Столтенберг рече дека Турција е клучен сојузник за Алијансата поради нејзината стратешка локација на Црното Море меѓу Европа и Блискиот Исток и ја наведе поддршката што и ја пружила на Украина откако Русија го нападна својот сосед на 24 февруари.

Според него, важно е да се забележи дека ниту еден друг сојузник на НАТО не претрпел повеќе терористички напади од Турција, и затоа нејзината загриженост мора да се сфати сериозно.

Столтенберг додаде дека самитот на Алијансата во Мадрид никогаш не бил краен рок за одобрување на кандидатурите на Шведска и Финска за влез во НАТО.