Николовски: До крајот на неделава појасна слика за реконструкцијата на Владата


Во тек се консултациите на премиерот со коалициските партнери и очекувам до крај на неделава да имаме сериозен исчекор за концептот на работата на Владата  и предлозите што премиерот треба да ги достави до Собранието, изјави денеска генералниот секретар на СДСМ и министер за земјоделство Љупчо Николовски.

Николовски очекува дека во наредните денови ќе има повеќе информации во однос на реконструкцијата на Владата со која, како што беше најавено, тој ќе се повлече од министерската функција.

–  Сите кадровски преструктуирања односно зголемувањето на потенцијалот на капацитетите продолжува на сите нивоа и партиски и на ниво на Влада, и не само на министерско, туку и во останатите ешалони. Паралелно се одвиваат сите  активности, но очекувам дека претседателот на Владата ќе ја информира јавноста во текот на следните денови за исходот од првичните одлуки за реконструкцијата на Владата, рече Николовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Целосно ќе се адаптираме, дополни Николовски, на потребите, сигналите и пораките што ги пратија граѓаните во изминатиот период и на отстранување на сите слабости во  функционирањето на коалицијата на Владата и на вкупниот амбиент. За новото кадровски решение во Министерството за земјоделство, како што најави, со премиерот ќе разговараат во тек на неделава.