Николов: ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот за клинички центар


ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот за клинички центар, изјави денес Игор Николов, член на Извршниот комитет на опозициската партија

Според него зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем е приоритет за сите, но тоа не треба да се изведе со нетранспарентен процес и закон од само 9 членови, кој не обезбедува никакви детали за тоа што ќе се добие на крајот од проектот.

„Треба да е јасно дека за вредност од 500-700 милиони евра, денес ќе дебатиравме за потребата  втор клинички центар и сето тоа ќе беше доколку не го прекинеа проектот Клинички центар Мајка Тереза“, рече Николов, додавајќи дека се уште не се решени имотно-правни односи на земјиштето каде што е предвидено да се гради новиот клинички центар, ниту пак е отпочната постапката за експропријација.

„Градбата на нов клинички центар вака како што тие го замислуваат и сакаат да го протуркаат претставува извор на корупција. Овој предлог е само една работна верзија на закон. Овој предлог наместо да обезбеди одбирање на најдобрата компанија, стимулира некаква заедница на компании“, изјави Николов, нагласувајќи дека самата јавна набавка за реализација на проект нов клинички центар е спорна.

„Ова е  работна верзија на закон, со оваа работна верзија се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач туку се стимулира можноста за фиктивни понуди. Дури, постои и однапред  можност за однапред договорени фиктивни понуди“, изјави Николов.