Николоски „замолува“ обвинителството да го истражи работењето на „Македонијапат“


Александар Николоски (Фото: Б. Грданоски)

 

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски од говорницата на македонското Собрание го повика Јавното обвинителство да ги разгледа ревизорскиот извештај за ЈП „Македонијапат“ и кривичната пријава што тој ј лично ја има потпишано за работењето на претходното раководство. Тој рече дека претходното раководство го заглавило претпријатието со долгови од 34 милиони евра. Николоски во одговорот на прашањето поставено од пратеникот Борислав Крмов за состојбата и лошите услови за работа во ЈП „Македонијапат“ посочи дека состојбата е тешка или, како што рече, „е исклучително тешка, ултра тешка“.

„Го затекнавме претпријатието со 34 милиони евра долг, сега е 25. Крадел кој стигне, кај стигне. Ако литар боја за бојадисувањеулици, што и не ја користеле, чинела Х денари, ја наплаќале 10 пати поскапо. Да не зборувам за зимското одржување. Еве овие две години се чисти снегот, претходно пари се даваа, а снегот не се чистеше. Само за удари од кучиња – јас знам дека има кучиња, ама не верувам дека сме толкави рекордери – 3,5 милиони евра се пресудени отштети. Таму има формирано една банда, една мафија од адвокати, проценители, вештаци, и излегува дека до 2024 година, дури беше директор оној Костадин Ацески, што си ја тепаше жена си, кучиња секој ден удирале во возила. По 2024 година, некако имаат намалено кучињава да се удираат во возила“, рече Николоски. 

Тој посочи дека за лошата состојба во ЈП „Македонијапат“ причина се и тужби, кои се испраќаат во Стразбур. 

„Сојузени се со компании на кои им се должи и сега Стразбур почна да носи одлуки долгот да им се плати, и каматата да им се плати, и по една благодарница да им дадеме, а ако ги видите цените по кои имаат добивано тие компании, тие се исто така далеку над пазарните. Еве да искористам и тука од собраниска говорница, да замолам – не знам кој друг збор, освен да замолам – Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај, не мора ништо друго да работат, само да ги прочитаат ревизорскиот извештај и кривичната пријава, што јас лично ја имам потпишано“, истакна Николоски.