Николоски раскажува македонски приказни за добра ноќ: Софија за Коридорот 8
Ние испративме договор, каде е Николоски да го потпише, изјави бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов

Софија денеска ги отфрли тврдењата на македонскиот министер за транспорт, Александар Николоски, дека бугарската страна не прави ништо за изградбата на Коридорот 8.
„Ние испративме договор и каде е Николоски да го потпише“, изјави во петокот утрината бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов.
Во понеделникот Николоски во интервју за „360 степени“ рече дека испратиле над 15 дописи до бугарската страна и немале одговор. „Очигледно Бугарија не сака да ја гради пругата. Македонија во моментов е единствена земја која што гради железница на коридорот 8. Ниту Албанија гради, ниту Бугарија гради“, рече Николоски.
„Имам чувство дека Николоски раскажува македонски приказни за добра ноќ“, рече Караџов во интервју за телевизијата БНТ.
„Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише“, праша Караџов и додаде: „Додека Николоски ги раскажуваше овие приказни, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот“.
Тој рече дека Бугарија проектира 90 отсто сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги исправи кривините, овозможувајќи брзина на возовите од 160 км/ч.
„Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 км/ч, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не“, додаде Караџов.
На 15 април министерот Гроздан Караџов најави дека Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Македонија и да започне со изградба на прекуграничниот железнички тунел. Говорејќи на работниот појадок со амбасадорите од земјите на ЕУ и НАТО, Караџов го детализираше напредокот на Бугарија на Коридорот 8. Тој нагласи дека предложениот договор е веќе доставен до Скопје и дека Бугарија чека одговор и потенцијални коментари за да продолжи со дискусија на експертско ниво. Доколку Македонија нема забелешки, Бугарија е подготвена да го финализира договорот и да иницира изградба на делот од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри – во очекување на изградбата на тунелот, кој мора прв да започне.