Николоски: Ова е коалиција на лага, ќе биде урната на масовни демонстрации
Оваа коалициона влада е влада на лагата. СДСМ ветуваше влада без ДУИ, а ДУИ ветуваше премиер.Сега гледаме дека ветувањата важат до завршување на изборната кампања, порача од собраниската говорница Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, како прв говорник по експозето на премиерот.
Според него, ова е и коалиција на криминал и корупција, на изборни измани бидејќи се вршеле поткуп и притисоци на изборите, бидејќи немало соодветен мониторинг, а платежните картички за корона кризата се делеле селективно на грашаните. Ова, рече тој, е коалиција на поларизација бидејќи власта ќе има само еден пратеник повеќе од она што е потребно за изгласување одлуки и закони, така што ќе биде со најмало мнозинство во историјата. Нема ни нови лица, рече Николоски, нагласувајќи дека не очекуваод нив да понудат нешто ново во идниот период.
-Три години камен не се стави во Македонија. Патиштата и железницата до каде што беа, таму застанаа. Се ветуваа сто илјади работни места, а сега во програмата такво нешто не гледаме. Се ветуваа зголемени плати а не ги гледаме, зелената мафија царува во Македонија и во моментов имаме историски најниски цени на откуп на грозјето, така што најголем дел ќе остане на нивите, тврдеше Николоски. Според него, и патиштата со кои се фали владата не се изградени, од Охрид – Кичево до Штип-Радовиш, и многу други.Во однос на демократијата во земјата тој тврдеше дека новинарите како никогаш досега биле предмет на судски истраги, или обвинети, или осудени, а земјата тоне во корупција.
Околу здравствената криза тој рече дека освен личен пи-ар, нема никакви резултати, така што веќе има 600 жртви, а есенва бројките ќе растат уште повеќе бидејќи власта нема ни визија ни стратегилија за справување со неа.
Три години се ветува датумот за преговори а датумот никој не го знае, рече тој за преговорите со ЕУ, забележувајќи дека не слушнал ништо и за преговарачките позиции со Бугарија за македонскиот јазик и историјата.
На крајот најави жешка есен, односно организирање протести уште веднаш за да се урне владата на улица.
-Оваа коалиција ќе биде урната на масовни демонстрации во градовите и селата кои ќе почнат оваа есен. Се гледаме на демонстрации во македонските градови и села, порача Николоски.
Пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ го потсети Николоски дека од лани ВМРО-ДПМНЕ најавуваат протести и уривање на владата и ништо нема од тоа. Притоа спомена дека нивната заменик министерка за финанссии го кочеше кредитот за справување со корона кризата со Светска банка попречувајќи ги напорите на Владата.
-Додека вие лажевте дека се изгубени 140.000 работни места, вистината е дека се изгубени 12.000, му реплицираше Костадинов.