Николоски од Брисел: Mакедонските граѓани да не бидат казнети заради Заев


Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски информира дека во рамките на посетата на Брисел и на Парламентарното Собрание на Европската Народна Партија оствариле бројни средби, пред се со раководството на Европската Народна Партија, со претседателот на Европската Народна Партија, Жозеф Дол.

-Ги информиравме за актуелните случувања во Македонија. Информиравме за аферата „Рекет“, за корупциските скандали, за економското уназадување на Македонија, како и за обидите на власта да ги сокрие овие скандали. Разговаравме и за неопходноста за брзи предвремени избори на кои што граѓаните јасно ќе покажат каде сакаат Македонија да оди, и ќе каже што мислат за оваат власт. Исто така разговаравме и за можноста Македонија да отпочне преговори за членство со ЕУ. Стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да стане членка на ЕУ. И заради неспособноста на Заев не смеат да бидат казнети македонските граѓани. Напротив македонските граѓани ќе го казнат Заев на следните предвремени парламентарни избори за кои што интензивно разговараме тука во Брисел, рече Николовски.

Според него, за истото ги информирале и претставниците на Европската Комисија со кои што имале денеска средби, а во текот на утрешниот ден и ќе ги информираме преставниците на Европскиот Парламент.

-Во Европскиот Парламент има нов состав, многу нови пратеници и ќе се обидеме со неколку од нив, со најзначајните од најзначајните земји да поразговараме утре. Иднината на Република Македонија е во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ може да го постигне тоа, но за тоа треба Владата на Заев да замине час поскоро. И тука се обидуваме да ја добиеме поддршката во Брисел. Се надеваме дека европските народни партии како и останатите ќе застанат позади прогресот на Македонија,изјави Николовски.