Николоски како шеф на дипломатија, чека ЕУ да изврши притисок врз тие што блокираат
Македонија одамна има и заслужено да ги почне преговорите за членство во ЕУ, па затоа Унијата треба да изврши притисок врз оние што го блокираат процесот на проширување, со цел тој да продолжи, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА во Брисел, каде учествуваше на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“ во организација на тинк тенкот „Пријатели на Европа“.
Николоски нагласи дека на Самитот одредени европски челници и дипломати „доста храбро“ признаа дека процесот на проширување е пред сè политички, а дури потоа доаѓа исполнувањето на реформите, критериумите или заслугите.
„И ако веќе знаеме дека процесот е политички, тогаш се потребни политички одлуки, и тогаш е потребно најголемите земји членки од ЕУ да постават јасна визија за регионот, јасна визија и за Македонија“, рече Николоски.
Во однос на уставните измени Николоски вели дека клучно прашање е дали нивното усвојување е последниот услов или пак за неколку години повторно ќе ни стави вето.
„Мора да има извесност во процесот и мора да знаеме кога ќе почнеме да преговараме и кога ќе ги завршиме преговорите, нормално доколку ги реализираме реформите коишто ги бара ЕУ“, истакна Николоски.
„ЕУ веќе станува поотпорна и на самитот можевте да слушнете доста храбро како одредени европски челници, дипломати, признаваат дека процесот е пред сè политички, а дури после тоа доаѓа исполнување на реформите или критериумите или заслугите. Денеска дебатата се движеше од тој дека е стопроцентно политички, до тоа дека е мешан. Но, тоа е голема промена во наративот, ако споредите со пред неколку години кога сите велеа дека е само базиран на заслуги.
И ако веќе знаеме дека процесот е политички, тогаш се потребни политички одлуки и тогаш е потребно најголемите земји членки од ЕУ, да постават јасна визија за регионот, јасна визија и за Македонија. Нас нѐ интересира Македонија. Да направат притисок врз оние коишто го блокираат процесот на проширување со цел процесот на проширување да продолжи, и Македонија да ги почне преговорите. Затоа што тоа одамна го има и заслужено Македонија“, вели во интервјуто Николоски.
На прашањето за уставните измени, Николоски вели: „Клучното прашање е дали е тоа само уште еден услов и дали е тоа последниот услов или тоа не е така. Знаете дека ние рековме дека уставни измени под бугарски диктат нема да правиме. Знаете дека имаше и има идеи како да се надмине целата работа. Ние уште додека бевме во опозиција зборувавме за уставни измени со одложено дејство, коишто би влегле во сила кога Македонија ќе ги заврши преговорите, со цел да не е блокирана во текот на преговорите.
Зборуваме, исто така и Бугарија да заврши дел од своите обврски, за да има балансираност во процесот. Постојат 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, коишто мора да бидат применети од сите земји членки. Така што, процесот мора да е двонасочен, и процесот мора да дава гаранција дека нема да седиме тука за неколку години повторно и да речеме, еве Македонија повторно е блокирана. Мора да има извесност во процесот и мора да знаеме кога ќе почнеме да преговараме и ќе ги завршиме преговорите, нормално доколку ги реализираме реформите коишто ги бара ЕУ“.