Николоски истури куп навреди и обвинувања за довчерашниот сојузник Таравари


 

Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа за реконструкција на владата изнесе куп навреди на сметка на довчерашниот политички партнер  во опозицијата, Алијансата за Албанците, и за нејзиниот лидер Арбен Таравари кој дури го обвини и за корупција. Пред сѐ, тој тврдеше дека Таравари на претходните избори го избојкотирал Зијадин Села за да доживее катастрофа и тој да му ја земе фоотелјата, а дека пред да постигне договор за влегување во Владата добил „куќа на поклон“, која инаку според него ја платил премалку па „мириса“ на корупција.  

„Арбен Таравари, откако на претходните избори добро го избојкотира Села со цел да доживеете катастрофа каква што доживеавте и да мора да си поднесе оставка, доби куќа на поклон и на крај влегува во влада. Тоа е траекторија која што мора да се знае и која што граѓаните мора да ја видат“, му рече Николоски на денешната собраниска седница на пратеникот Халил Снопче од Алијанса на Албанците.

Николоски му порача на Снопче дека благодарение на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, Таравари победил во општина Гостивар, додавајќи дека нелогично е што Таравари добива на поклон куќа во Скопје, а не во Гостивар, прашувајќи го дали ќе се смени Деталниот урбанистички план во Гостивар за да може Таравари каде што има парк заедно со неговиот братучед да гради згради.

„Јас не се сеќавам дека ниту една од овие работи што ги кажавте му сметаа на господинот Таравари на изборите во Гостивар, кога нѐ молеше да го поддржиме со цел да го победи Бејта на избори, инаку ќе изгубеше. Да не беа нашите гласови сега Невзат Бејта ќе беше градоначалник на Гостивар, немаше да е Арбен Таравари и затоа е нелогично што добива куќи на подарок во Скопје, а не во Гостивар, затоа што и самиот очигледно не верува во градот што го води“, рече Николоски.

Според него, премиерот Ковачевски имал бледо обраќање со многу флоскули, а без суштина.

„Па да погледнеме на суштината, дебатираме за еден коалициски партнер кој излегува од Владата и еден кој сега влегува во Владата. Ако не знаете како изгледа политичка корупција и проституција, еве ја денес на сцена затоа што во Македонија изборите губат смисла. Која е поентата од избори ако сите сакаат во Влада, која е поентата Алијанса да се бори против ДУИ на избори ако сакаат да се во иста Влада. Тоа не е никако поинаку освен политичка корупција и проституција и тоа од оние кои велат дека ќе се борат со криминал и корупција кога влегуваат во Влада која, според сите извештаи, е најкорумпирана, која има јасно најслаб перформанс, рече Николоски.

„Јас овој Арбен Таравари, рече тој, не го познавам, дали се работи за уцена и која е природата на таа уцена, и дали цената е една убава куќа во Тафталиџе која ја доби Таравари на поклон. Зошто, дали е тоа цената? Затоа што навел дека куќата од 256 квадрати ја платил 150 илјади евра. Како  во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат и дали воопшто тие пари се платени зошто нема трансакција? Дали една од цените е куќата. Ако го отворите имотниот лист на министерот за финансии Фатмир Бесими, кој му е сосед, тој пријавил куќа од 410 квадратни метри во вредност од 110 илјади евра. Па, како се купува ваква квадратура за оваа цена? Двајцата треба да дадат одговор, а Антикорупциска да испита како се случило ова функционери да плаќаат и квадрат од 200 до 500 евра, а граѓаните за 1.000 до 2.000 евра квадрат“, рече Николоски.

Според него „промените незапирливо доаѓаат“, сите се свесни дека ова нема да трае и дека на следните избори ќе паднат и тие ќе бидат чистилиште за функционерите. Николоски оцени  дека има епско бегање од избори какво што никој не видел досега.

Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ, возврати  со оценката дека, соочени со нов политички пораз, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги верглаат истите стари фрази и празни зборови, или како што рече, нови „ќе“ моменти за членовите на ВМРО-ДПМНЕ и за спас на партиската фотелја на Мицкоски во Белата палата.

„И пред една година за изборот на Владата на премиерот Димитар Ковачевски ВМРО-ДПМНЕ велеше дека нема да испорача резултат и дека владата ќе траела кратко, само што не се случиле предвремени избори. По една година, резултатот на Владата на Ковачевски е првиот и најголем пораз за ВМРО-ДПМНЕ.Во време на најголема глобална енергетска и економска криза, владата не само што испорача резултат, туку со владините антикризни мерки ја спаси економијата.

Имаме рекордно зголемување на домашното производство на струја за 40%, за прв пат после 70 години се вклучени сите капацитети, нема рестрикции, нема поскапување на струјата, има доволно и храна, греење, нафта, гас. Реализиравме најголем пакет во регионот од 760 милиони евра за помош на граѓаните и компаниите реализиравме и може да кажеме дека никој не беше оставен сам во оваа криза.Не дозволивме струјата да поскапи оваа година а обезбедивме поволни сметки за училиштата, болниците, јавните установи. Со зелената транзиција во енергетиката оваа година се инсталирани 150 мегавати зелена енергија од обновливи извори.Минималната плата во време на криза ја покачивме, просечната плата исто така, пензиите ги покачивме. Се тоа во време на најголема криза и во време на блокади на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, по 17 години чекање започнавме преговори за членство во Европската унија со заштитен македонски идентитет, рече тој порачувајќи дека уште долго време Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе останат во опозицијата, осамени и во малцинство во Собранието“.