Николоски и Милошоски шират опасен „вирус“ за недоверба во банкарскиот систем


МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

Ако се оди според објаснувањата на Милошоски и Николоски може да се постави прашањето дали, на пример, пред банкрот се и Хрватска, Србија и други земји, каде што централните банки исто така им наложија на банките да не делат дивиденди

 

Двајца искусни политичари и носители на високи партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да рашират опасен „вирус“ во македонската економија – а тоа е најопасниот вирус на недоверба во финансискиот и во банкарскиот сектор.

Александар Николоски во петокот и Антонијо Милошоски во неделата ја коментираа одлуката на Народна банка за забрана банките да исплаќаат дивиденди на акционерите, како и сличната одлука на Агенцијата за супервизија на осигурувањето која не им забрани, туку истото им го препорача на осигурителните компании.

Накусо, и двајцата сметаат дека одлуките на НБ и на АСО се доказ дека состојбата во економијата е драматична, дека земјата е пред банкрот и дека тоа може да ја зголеми недовербата во банкарскиот и во осигурителниот сектор.

„За жал, може некои граѓани коишто имаат депозити со право да размислуваат дали нивните депозити во банките седат сигурни или не се сигурни, ако на банките не им е дозволено да поделуваат дивиденди“, посочи Милошоски во Битола на средба со стопанственици.

Николоски, пак, во петокот во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа, рече дека тоа за него е прашање број еден и дека колку и да се шокирачки, одлуките на НБ и на АСО, не биле случајни и дека е намерно избран денот (кога беше пресудата во случајот за нелегалното прислушување и протестот против пресудите во „Монструм“, заб.) за, како што вели, тоа да падне во втор план и никој да не го види, нагласувајќи дека со ова властите признаваат дека Македонија е пред банкрот.

Според Николоски, „забраната на банките и осигурителните компании да исплаќаат дивиденда не само што ќе ги оштети нивните акционери, туку носи до целосна недоверба во банкарскиот и во осигурителниот систем и секој кој што разбира малку, прво што ќе направи ќе оди во понеделник и ќе ги извлече депозитите од банка за да не му пропаднат како во Еуростандард банка“.

„Тоа е јасен сигнал, огромен сигнал, како што го гледаме на огромен билборд, дека Македонија оди во банкрот затоа што веќе нема простор да се задолжува и стопанството веќе нема сила да се бори со стопанската криза, затоа што најголемите дрва, најнеспособнитево моментов ја водат Македонија“, рече Николоски.

Не е јасно како билбордот што го спомнува Николоски не го виделе на пример и од кредитната агенција „Стандард и Пурс“ која пред само една недела го потврди рејтингот на земјава ББ- со стабилен изглед. Оваа оцена, навистина, не е бог знае колку за фалење, бидејќи нашата земја сѐ уште го нема достигнато т.н. инвестициски рејтинг, но во образложението на оваа агенција (една од трите водечки во светот, покрај „Мудис“ и „Фич“) никаде не можат да се најде зборот „банкрот“ или навестување дека банкарскиот сектор е пред колапс. Напротив, како што соопштија од Министерството за финансии, „нивните очекувања се дека македонската економија годинава ќе се врати на патеката на економски раст и ќе ги надмине шоковите предизвикани од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата“.

За банкарскиот систем, пак, се вели дека е стабилен, како и дека нивото на нефункционалните кредити е ниско, но и дека укинувањето на дозволата на Еуростандард банка нема да влијае врз стабилноста на банкарскиот систем. Притоа, ја нагласуваат важноста на задржувањето на довербата.

Или, можеби Николоски и Милошоски знаат нешто повеќе од специјализираната агенција чии оцени се валидни за инвеститорите во светот и од кои во крајна линија зависи и цената на задолжувањето на финансиските пазари.

Одлуката на Народната банка, секако, не е поволна за акционерите и таа од тој аспект може да се критикува. Најмногу ќе ги погоди домашните компании кои се акционери во некоја од банките. Повеќето наши банки претежно се во сопственост на странски стратешки инвеститори. Станува збор за големи регионални банки кои веројатно полесно ќе може да се справат со времената забрана да го добијат она што им припаѓа врз основа на сопственоста и врз основа на доброто работење на банките кои и во услови на пандемија остварија солидни профити.

Многу потешко ќе им биде на домашни фирми-акционери во банките, бидејќи повеќето од нив на своја кожа го почувствуваа влијанието на кризата и со оваа одлука некои од нив сигурно ќе се соочат со големи проблеми за да ги реализираат планираните инвестиции, или да финансираат свои активности. Па, и да ги потрошат парите како што сакаат, бидејќи на тоа имаат право. И секако, држат нивните аргументи дека тие пари би се влеале во домашната економија и ќе придонесат за економски раст.

Од друга страна е големата слика што ја има предвид Народната банка која стравува од ескалација на здравствената криза и можното повторно затворање на економиите. Доколку се случи такво неповолно сценарио тогаш очекувано ќе се зголемат т.н. лоши односно ненаплатливи кредити што ќе ги оптовари билансите на банките.

Ако се оди според објаснувањата на Милошоски и Николоски може да се постави прашањето дали, на пример, пред банкрот се и Хрватска, Србија и други земји, каде што централните банки исто така им наложија на банките да не делат дивиденди. Слични мерки, иако не толку драстични има и во САД и во Европската унија, но не треба да се заборави дека тие имаат силни механизми со кои може да се фатат во костец со економската криза и да ги помогнат нивните економии.

Во одвоени изјави мерката на НБ ја бранат и поранешните гувернери на централната банка, Петар Гошев и Љубе Трпески. Трпески во одговор на прашање на „Независен“ вели дека мерката на Народната банка не може да им наштети на оние кои што имаат депозити во банките. „Може само да им ја подобри, бидејќи ја зголемува капиталната база, односно здравоста на банките“, вели тој, нагласувајќи дека мерката нема опасност за депозитите, туку напротив – има бенефит за оние кои имаат депозити во банките.

Ако пак, Николоски и Милошоски не им веруваат на овие двајца докажани монетарци, тогаш можат да ја прочитаат изјавата на нивниот сопартиец и висок партиски функционер, универзитетскиот професор Трајко Славески, кој своевремено беше и министер за финансии и кој одлично ги познава состојбите во финансиската и монетарната сфера. Тој во изјава за весникот „Вечер“ вели дека „одлуката на Централната банка за времена суспензија на исплатата на дивиденди од страна на банките и штедилниците до крајот на 2021 година е целосно оправдана“, како и дека НБ требаше да воведе забрана за исплата на дивиденди уште во март/април минатата година, на самиот почеток од пандемијата, по примерот на речиси сите централни банки во Европа.

„Како член на Економскиот совет при техничката влада јас ваков предлог изнесов уште на првиот или вториот состанок на Советот“, потенцира Славески, нагласувајќи дека нашите банки и во услови на пандемија ја одржуваат својата стабилност и дека барем засега, во нивните портфолија нема позначаен раст на лошите заеми, а Народна банка уште од минатата година примени регулаторни олеснувања за банките за да им излезе во пресрет во отежнатите услови за работење предизвикани од пандемијата. Според него, мерката за суспензија на исплата на дивиденди е во насока на намалување на ризиците кај банките и во интерес на нивните штедачи, клиентите, а во краен случај и на акционерите на банките.

Николоски и Милошоски не се економисти, туку правници (едниот е магистранд, другиот докторанд на политички науки, според достапните информации на интернет). Сепак, станува збор за искусни политичари кои се долго во Собранието каде што „ги чешлале“ законите и од областа на финансиите, па тешко може да се поверува дека нивните оцени се плод на незнаење. Ако пак станува збор за свесна манипулација и суптилно наведување штедачите да ги повлекуваат парите од банките, тогаш констатацијата за ширење на опасен „вирус“ на недоверба во финансискиот и банкарскиот систем, е уште подраматична. Николоски вели дека е најдобро да се смени власта што поскоро, тој би сакал уште во септември. Тоа е легитимно барање, но чуму да се владее во пеплосана економија во која самите го подметнале пожарот?