Николоски: Бев во салата кога Џафери ги изнесе погрдните зборови кон вработените


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, соопштува дека е поднесена иницијатива за недоверба на Владата

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостување во централниот дневник на Сител телевизија вечерва изјави дека бил во салата во Собранието кога претседателот на законодавниот дом Талат Џафери недолично им дофрлал на вработените. 

„Да кажам нешто што можеби не е познато во јавноста. Ковачевски спомена дека не може да даде мислење за Џафери затоа што не е сигурен дали е тој или не е тој. Еве јас да му кажам на Ковачевски дека е тој. И тоа затоа што јас бев внатре во салата кога Џафери ги изнесе тие пцости и тие погрдни зборови кон вработените во Собранието“, истакна Николоски.

„Јас лично бев внатре, така што ако сака еве потврда нека ми се јави мене, јас ќе му потврдам дека јас бев внатре и јас со свои уши слушнав како тоа го кажа Џафери“, рече Николоски.

Тој посочи и дека снимката оделе на официјалниот собраниски канал.

„Значи, тоа не е дека нешто таму некој снимал, туку на официјалниот собраниски канал се емитуваше“, рече Николоски, додавајќи дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ побарале да се испита деловната способност на Џафери.

„Мислиме дека неколку инциденти водат кон тоа, а барањето на оставка е најмалата работа која што можеме да ја побараме“, рече Николоски.