Николоски бара истрага за наводно прислушување на Мицкоски од страна на АНБ

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, повика Обвинителството да отвори истрага и да ги процесуира одговорните за наводната злоупотреба на тајните служби, оценувајќи дека расчистувањето е клучно за демократијата.
„Во опозициските денови искажувавме сомнежи дека сме следени од тајните служби кои беа злоупотребувани од власта на СДСМ и ДУИ, а со нив и Стево Пендаровски. Имавме сомнеж дека Агенцијата за разузнавање пишува клеветнички лажни извештаи до западните партнери и сојузници, а АНБ следела и прислушувала. Тоа беше начин за политичка дискредитација кој не им успеа! Промените се случија на минатогодишните избори, а со тоа и патот кон расчистување во тајните служби и одговорност за оние кои ги злоупотребуваа! Повикувам Обвинителството ова да го истражи и одговорните да бидат процесуирани. Доста е од злоупотреби на тајните служби!“, напиша Николоски на Фејсбук.
Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, се огласи по повод наводите дека додека раководел со институцијата, се вршело незаконско следење и прислушување. Во кратка објава на социјалните мрежи, тој порача:
„Денес е ден за славење, а од утре аргументиран одговор на наводите од брифинг во АНБ одржан деновиве…“
Оваа негова изјава доаѓа во контекст на најновите информации од АНБ, според кои до Јавното обвинителство биле доставени три известувања за поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско и непрофесионално постапување во периодот 2019–2024 година. Tаргети биле премиерот Христијан Мицкоски, обвинителката Вилма Русковска, новинарите Кристијан Ландов и Љупчо Златев.