Никој кај резиденцијата на Путин во Новгород ниту видел ниту чул дронови. Ниту експлозии
Дали украинскиот напад со дронови е измислена приказна? Лавров вели дека во напдатот биле користени 91 дронови, а министерството за одбрана тврди дека биле 18
Жителите на Валдаи во регионот Новгород, јужно од Санкт Петербург, не го забележале пристигнувањето и уништувањето на речиси сто дронови во ноќта на 29 декември, за кои руските власти тврдат дека се обидувале да ја нападнат резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин. Според 14 лица интервјуирани од медиумот „Можеме да објасниме“ (MO), ниту едно од нив не добило никакви СМС-пораки за заканата од дронови, кои обично се испраќаат во случај на воздушен напад. „Немаше зуење таа ноќ, а камоли експлозии. Да се случеше нешто такво, целиот град ќе зборуваше за тоа“, рече едно од лицата.
Претседателската резиденција, „Долги Бороди“, се наоѓа североисточно од Валдај, одвоена од градот со езерото Валдајско. Градот има население од приближно 14.000 жители. Жителите на Валдај точно знаат кога Путин пристигнува во својата резиденција, благодарение на силната бучава од хеликоптерите.
Еден ден претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров објави дека украинските вооружени сили се обиделе да извршат масовен напад со дронови врз резиденцијата на Путин во регионот Новгород. Според него, во нападот биле користени 91 дронови, но сите биле уништени од системите за воздушна одбрана. Сепак, изјавата на Лавров е во спротивност со официјалните информации од руското министерство за одбрана, кое објави дека само 18 беспилотни летала биле соборени над регионот Новгород во ноќта на 29 декември.
Лавров, исто така, изјави дека по нападот врз резиденцијата, преговарачката позиција на Русија за Украина ќе биде преиспитана, но Москва не планира да се повлече од преговорите со САД. Министерот, исто така, му се закани на Киев дека таквите акции нема да останат без одговор и дека руската војска веќе избрала цели за одмазднички напади и го одредила времето за нивно спроведување.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли извештаите за обидот на украинските вооружени сили да ја нападнат резиденцијата на Путин како лажни вести. Тој тврдеше дека Русија на тој начин подготвува терен за напади врз владини згради во Киев и сака да го поткопа напредокот во мировните преговори меѓу Украина и САД, оправдувајќи го своето одбивање да ја заврши војната.
Кремљ дополнително ги засили обвинувањата дека Украина нападнала една од официјалните резиденции на Владимир Путин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави во Москва дека станува збор за „терористички напад“ со цел нарушување на мировните преговори, тврдејќи дека нападот не бил насочен само против рускиот претседател, туку и против американскиот претседател Доналд Трамп.
„Целта била да се поткопаат напорите на претседателот Трамп да посредува во мирно решение на украинскиот конфликт, кој е исклучително сложен“, рече Песков.
Тој додаде дека, според него, не гледа потреба од дополнителни докази. „Не мислам дека треба да има никакви докази тука ако имало масовен напад со дронови што бил успешно сопрен од нашиот систем за воздушна одбрана. Што се однесува до остатоците, тоа е прашање на војската“, рече тој.
Песков не кажа каде бил Путин во времето на наводниот напад, велејќи дека тоа е „тема што не е предмет на јавна дискусија“. Тој ги нарече украинските негирања „апсурдни“.
„Гледаме дека Зеленски се обидува да го негира тоа, а многу западни медиуми, играјќи во корист на режимот во Киев, почнуваат да ја шират наративот дека тоа не се случило. Ова се апсурдни тврдења“, рече Песков.
Тој, исто така, истакна дека Русија, и покрај наводниот напад, не се откажува од преговорите за мировниот план. „Русија ќе го продолжи процесот на преговори и дијалогот, пред сè со Американците“, рече тој, предупредувајќи дека овој настан ќе доведе до „зацврстување“ на преговарачката позиција на Русија.