Ник Кејв во Скопје: Незаборавна вечер со големиот рок музичар и поет

Многуилјадната публика на стадионот на АРМ во Скопје синоќа уживаше речиси три часа во настапот на славниот австралиски рок музичар и поет, Ник Кејв кој беше придружуван од басистот на „Рејдиохед“, Колин Гринвуд.
Во својот препознатлив стил, со доза на хумор и мајтап, но и со повеќе „сочни“ зборови, Кејв не дозволи на концертот да му попречи бучавата од навивачите од блискиот градски стадион, каде што во исто време се одржуваше фудбалски натпревар меѓу Вардар и Брера.
Концертот во Скопје на Ник Кејв изобилуваше со емоции, страст и енергија, со неговата препознатлива комуникација со публиката, иако поради форматот на концертот (клавир и бас гитара) немаше можност за поголем физички контакт со присутните, инаку негова карактеристика кога настапува со групата Бед сидс.
Синоќешниот концерт е прво гостување на Ник Кејв во Скопје, како дел од турнејата „Ник Кејв соло“ на која тој до сега настапи и во Франција, Швајцарија, Германија, Италија, Норвешка, Латвија и Бугарија, а по скопскиот настап го чекаат уште четири свирки, по две во Бадан-Баден во Германија и во Луксембург.
И пред овој концерт, публиката во нашата земја имаше можност одблизу да се запознае со творештвото на овој голем уметник, преку изложба на фотографии на српскиот рок-фотограф Немања Ѓорѓевиќ посветена на Ник Кејв, како дел од Осмото издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ во 2022 година, како и со документарниот филм „Ник Кејв: 20,000 денови на земјата“.
Сепак, можноста во живо да се види и да се доживее еден од најголемите рок музичари во историјата, е неспоредливо.
Ник Кејв минатата година беше на турнеја со Бед сидс, при што „Независен“ имаше можност да го проследи настапот во Будимпешта. Ако се прави паралела со оваа негова турнеја, тогаш може да се констатира дека експлозивноста и блескавоста се на страна на групните концерти, но соло изведбата воопшто не заостанува со емоциите и со страста, дури напротив.
Ник Кејв синоќа изведе песни од неговиот богат репертоар, како Higgs Boson Blues, O Children, The Weeping Song, Jubilee Street…, но и неколку од други автори како Avalanche од Леонард Коен и Cosmic Dancer на Марк Болан и Ти-рекс кои извршиле силно влијание врз него како артист.
Во Скопје и до сега настапувале големи имиња, како на пример Боб Дилан, Стинг и многу други, но синоќешниот настап на Ник Кејв во организација на „Авалон продукција“, сигурно ќе го зголеми музичкиот „кредитен“ рејтинг на македонската метропола и на земјава во целина за други амбициозни проекти како синоќешниот. (М.Ј.)