Ник Кејв во Будимпешта: Групна музичка терапија
Од нашиот известувач Мирче Јовановски
БУДИМПЕШТА – Ако за некој музичар може да се каже дека спроведува масовна музичка терапија на концертите, тоа секако во прв план важи за Ник Кејв. Ова негово обележје го покажа и вчера пред многу илјадитната публика во Спортската арена во Будимпешта каде што настапи со бендот Бед сидс (Nick Cave and The Bad Seeds), во рамки на турнејата на која го претставува најновиот албум „Дивиот бог“ (Wild God).
Aвстралискиот музичар, писател и актер со неговиот баритонски глас и емотивен настап, со своите песни опфаќа широк спектар на приказни и лирски опсесии поврзани со смртта, религијата, љубовта и насилството. Неговата лична трагедија, загубата на двата сина, несомнено дополнително влијаеа последните години врз неговото творештво.
Таков беше и синоќешниот концерт, полн со емоции, со близок контакт со обожавателите, пред се со оние од првите редови во фан зоната со кои разменуваше допири со рацете, што наидуваше на воодушевување кај нив, но и претставуваше извонредна можност за атрактивни фотографии.
Не беа заборавени ни другите во публиката, интеракцијата беше обострана, а за тоа придонесоа и Бед сидс, зајакнати со моќна четиричлена вокална секција, која што придонесе песните од најновиот албум, но и постарите класици да добијат госпел призвук.
Во извештаите од концертот во унгарските медиуми може да се сретне и забелешката дека Кејв покажа што е духовност во Арената “Ласло Пап”, како и дека – “шоуто го форсираат 40 години, но изгледа не се уморуваат ни минута – Ник Кејв со ‘Лошите семки’ одржа таков концерт што ако не пееме, нашите усти останаа отворени”.
Во публиката имаше присутни од целиот регион, секако и од Македонија, па во еден момент во салата јасно се слушна гласно „Браво мајсторе“, повторено неколку пати.
Ник Кејв иако е долго години на сцената, привлекува и млада публика, а тоа беше забележливо и вчера.
Концертот започна со песни од последниот албум Wild God, и како што забележаа некои од присутните повеќе потсетуваше на прослава на црковна заедница алтернативна рок изведба.
Но, општ е заклучокот дека нумерите од албумот во жива изведба звучат уште помоќно и повпечатливо, а оние постарите добија нов квалитет.
Ник Кејв, кој има 67 години, со своите настапи им држи лекции и на помладите музичари кои можат да учат од него како и колку да се вложуваат на нивните концерти. За тоа заслужни се и Бед сидс, а особено виолинистот Ворен Елис кој со огромната брада изгледа како некој самотник, но со виолината и другите инструменти кои ги свиреше покажа врвно мајсторство.
Бендот настапува на концерти во состав на: Ник Кејв (вокал), Ворен Елис (виолина, гитара, мандолина) Мартин Кејси (бас), Џим Склавунос (тапани), Џорџ Вјестика (гитара), Лери Малинс (клавијатури), Карли Парадис (клавијатури)
На концертот, се разбира не изостана и Red Right Hand и други класици.
Двата биса беа награда за публиката која сигурно немаше да има против и за повеќе музика.
Како предгрупа настапија The Murder Capital, со цврст рок кои создадоа добра атмосфера пред настапот на главните “музички терапевти” на вечерта.
Во рамки на турнејата имаат 27 концерти во 17 земји. Турнејата започна на 24 септември во Оберхаузен, Германија, а завршува во Париз на 17 ноември. Утре, Ник Кејв и Бед сидс настапуваат во Загреб.
Ник Кејв и Бед сидс имаат издадено 18 студиски албуми, од „From Her To Eternity“ од 1984 година до „Ghosteen“, фален од критичарите, објавен на крајот на 2019 година, и конечно новиот Wild God.
(Фото: Независен.мк)