Нигериец во трката за градоначалник на Штип

Кардиологот Сашко Николов од СДСМ заедно со Нигериецот Џими- Симон Поликарп, и уште тројца кандидати ќе се тркаат за градоначалничката фотелја во Штип. Викендов истече рокот за поднесување на кандидатури на локалните избори во Штип и Пласница, а новите градоначалници ќе имаат мандат до октомври следната година, кога треба да се одржат редовни локални избори на ниво на цела Македонија.

Во трката за градоначалник на Штип, освен докторот Николов и Џими од ИНТЕГРА, влегуваат и независниот кандидат, Трајче Митев кој ги собра потребните 260 граѓански потписи, Лазар Наумов музичар од партијата ТМРО, како и Гоце Ангелов од новата  коалиција „Иднината во наши раце“. Вистинско изненадување за штипјани е Симон Поликарп, познат како  Џими, кој е роден  во Нигерија, а во Штип дошол да студира, но тука формирал семејство и веќе неколку децении  живее и работи. Ова не прв политички предизвик за Џими, со оглед на тоа што на парламентарните избори во 2008 година тој беше кандидат за пратеник од партијата ТМРО.

Изборите за градоначалник во Штип и Пласница се закажани на 13 декември, ќе се гласа според здравствените протоколи на предвремените парламентарни избори.