Ни здодеа лицемерната борба за СЈО


ФРОСИНА ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ

Политичката елита очигледно сака Македонија да остане мафијашка држава. Повеќе од два месеца работни групи од власта и опозицијата се договараат и никако да го договорат статусот на Специјалното јавно обвинителство, институција која е услов за да тргнеме кон Европа. Власта постојано повторува дека нема да прифати во законот да се протне некаква затскриена амнестија, а опозицијата постојано уценува со различни желби. Тргна од тоа „бомбите“ да не бидат докази во постапките кои се отворени по 30 јуни 2017 година, стигна до барањето да се уништат сите докази за овие случаи.

Првиот сигнал дека се договараат за да не се договорат е фактот дека наместо обвинителите, кај нас политичарите ценат и преговараат што да биде доказ, а што да не биде доказ. Доказ е доказ и тој останува да сведочи, само може да се пикне во некоја фиока никој да не го види. Мицкоски се обидува што повеќе да закочи, а Дескоска демек не попушта, не ги преминува линиите што ѝ ги поставиле странците. И сега се поставува прашањето – зошто ако нема договор, законот не се стави на гласање и јавноста конечно да види со име и презиме кој сака да го уништи СЈО и кому му одговара корумпирана држава. Декларативно, сите се согласуваат дека земјава треба да има институција како СЈО, која ќе си ја заврши работата за која е формирана и после ќе се зафати и со криминалот на актуелната власт. Ама за овие две години покажавме дека институциите или не можат или не сакаат да го расчистат криминалот на минатата власт, а уште помалку да се зафатат со актуелните. Две години ги гледаме функционерите на ВМРО-ДПМНЕ низ судовите, одат, па излегуваат од притвор. Пред неколку години, кога почнаа судењата на СЈО, јавноста беше убедена дека конечно во Македонија ќе има затвор за оние што ги краделе парите на граѓаните. Сега веќе се изморивме чекајќи го епилогот од силната борба со криминалот што ја најавуваше власта. Веќе не е ни вест дека Миле бил во суд или дека судот му одредил притвор на азилантот Груевски. Најверојатно тоа била и целта на Заев и Груевски кога го договараа СЈО по цели ноќи во Пржино. Да ја изморат јавноста чекајќи ја правдата и веќе да ѝ здодее поставувајќи ги истите прашања, прво за спорниот член со кој се ограничува мандатот на СЈО, потоа за подготовката на законот, а сега за „ѓаволското“ договарање на законот.

Во меѓувреме, во Кривичниот суд предметите на СЈО постојано се одложуваат. Последното одложување се случи вчера бидејќи судиите закажале две рочишта во исто време, а во двата предмета обвинет е поранешниот министер Миле Јанакиески. Предметите на СЈО, горе-долу, ги водат истите судечки совети, АКМИС-системот најмногу има распределено кај судијата Осман Шабани, а горе на листата се и судиите Огнен Ставрев, Џанета Бегтовиќ… Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вината за тоа што нивните предмети немаат разрешница ја гледа во судовите. Но оваа нејзина изјава падна во сенка бидејќи медиумите бомбастично пренесоа дека Јанева тврди дека никој не може да ја смени. Нејзиниот мандат завршува во септември и најверојатно Јанева веќе нема да биде на чело на оваа институција, но СЈО не е само Јанева. Прашањето не е дали таа ќе остане на чело на СЈО, туку дали СЈО ќе остане институција која ќе ја води обвинител со интегритет и професионалност, кој ќе го расчисти прислушувањето и ќе ги зафати сегашните функционери.

Засега актуелните никој не ги чепка. Шефицата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција Вилма Русковска тврди дека има предмети за актуелни функционери, но кој за што се гони не се знае. Со актуелните по малку се занимава Антикорупциската комисија со која власта најверојатно планира да го преземе приматот на СЈО во „бескомпромисната“ борба против криминалот. Завчера група експерти, професори, од различни области се собраа и сите поединечно зборуваа за реформите што се направиле во јавната администрација, безбедносниот сектор, советот за реформи во судството, обвинителството… И сите заклучија дека нема политичка волја и храброст да се направат промени. Најдобра слика за тоа како се прават реформи и закони во Македонија даде професорот Гордан Калајџиев кој учествувал во правењето на законите за новата ОТА.

„Нè затворија во една соба два дена, ни дадоа банани и ни рекоа правете го сега законот. Како мајмуни…“