Ни за неколку шлаканици нема пресуда


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Насилство во општина Центар, случајот кој во јавноста е познат како „Шамарите во Центар“ е првиот предмет на Специјалното јавно обвинителство за кој во септември 2016 година беше поднесено обвинение во Кривичниот суд. По три години рочишта, изведување докази, повикување сведоци, овој предмет е прв случај кој почна од почеток оти поминаа 90 дена без одржано рочиште.

Иако од судот убедуваат дека кога почнува судењето од почеток станува збор за формалности што може да се завршат во едно рочиште, сепак, ова покажува дека во земјава, која нонстоп го реформира судството, не може да се донесе пресуда за неколку шлаканици што ги нарачал поранешниот премиер Никола Груевски. Во овие 90 дена имало закажано рочиште, но токму тогаш предметот бил однесен на увид во Судскиот совет, а никој не одговара зошто Советот го побарал овој предмет.

Освен овој случај, од почеток почна и предметот „Тортура“ за нечовечкото апсење на поранешниот министер и лидер на партија, Љубе Бошкоски, каде што главен осомничен е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Овој случај се враќа бидејќи еден од судиите поротници, при крај на судскиот процес, си поднесе оставка од семејни причини, судијката се разболе и ако поротникот не си поднесеше оставка, судењето на 22 октомври ќе почнеше од почеток поради тоа што тогаш ќе поминат 90 дена од последното одржано рочиште за овој случај.

Со закопано СЈО и кога се анализираат обвинетите и судењата што почнуваат од почеток, ретко кој верува дека сето ова е случајно. За шлаканиците една од осомничените е Даниела Рангелова, пратеничката која си поднесе оставка од Унијата на млади жени во ВМРО-ДПМНЕ и на лидерот Христијан Мицкоски му испрати неколку пораки дека не сака да биде дел од раководство кое ја води партијата кон изолација. Таа не го даде својот глас за уставните измени за промена на името, но јасно порача дека патот на земјава е кон ЕУ и НАТО. Почнувањето од почеток на случајот „Тортура“, пак, му дава сè покомотна позиција на Мијалков, кој отворено преговараше за да се обезбедат гласовите за промена името, кому му се суди во неколку случаи што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. За еден случај има пресуда која уште не е правосилна, а во клучниот случај на СЈО за масовното прислушување, неговиот колега, Зоран Верушевски, го амнестираше. За целиот процес на прислушувањето, Верушевски го обвини Груевски кој е во Будимпешта.

Предметите од СЈО преминаа во редовното обвинителство, таму ги презедоа истите обвинители, но пресудите се далеку. Дел од судиите што ги водат предметите на СЈО баш сега сакаат да напредуваат во кариерата и сè поизвесно е дека многу предмети ќе почнат од почеток ако некој од нив замине во Апелацискиот суд, со оглед на тоа дека се дел од повеќе судечки совети. Враќањето на предметите на СЈО од почеток е огледало на (не)функционирањето на целиот судски систем. И овие случувања се совпаѓаат со сè поизвесното разочарување на македонските граѓани од веројатната одлуката за недобивање датум за почеток на преговорите. Одлуката ќе биде неправедна, но е потврда на забелешките на земјите кочничари на влезот на Македонија во европското семејство. Бидејќи таму, тајкуните како Орце Камчев не се жртви, туку осомничени, фаци како Боки 13, зад кои стојат големи малверзации, немаат телевизија и обвинителка како Катица Јанева не ја ставаат на чело на институцијата која треба да ја истера правдата.

Законот за јавно обвинителство не е донесен, а власта се фали дека иако не го донеле Законот, предметите од СЈО ги префрлиле во редовното обвинителство и ги доделиле на истите обвинители и тврдат дека Холандија бара не каков било закон, туку закон кој нема да обезбеди неказнивост. А таков закон треба да се донесе заедно со опозицијата која до крај ќе се бори да ги амнестира своите функционери, но и со власт чии функционери се осомничени во „Рекет“.