Ни Уставниот суд не може да го смени Уставот, немало политички услови за тоа
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во изјава за медиумите истакна дека со премиерот Христијан Мицкоски имаат заеднички став дека се неопходни институционални реформи и дека треба да се создадат услови за таквите реформи.
„За воведување на уставна тужба неопходно е уставна измена. Значи, само со уставна измена може да се воведе таква надлежност на Уставниот суд, бидејќи Уставниот суд на Македонија е единствен на европско тло што нема закон за уставен суд. Значи, шест уставни одредби и акт на судот. Толку. Правната рамка е таа.
Неопходно е тие шест уставни одредби да се операционализираат со закон, но не било каков закон. Двотретински закон за да ја гарантира самостојноста и независноста, но и за тоа е потребна уставна измена. Значи, и за закон треба уставен основ за таков закон, што ќе се носи со двотретинско мнозинство, и за воведување на уставната тужба потребни се уставни измени. Но, како што кажа и претседателот на владата, кај нас отварањето на уставот е секогаш чувствително прашање и тема, и затоа конечниот заклучок, барем според мене, е дека кога ќе се создадат услови, тогаш и ќе пристапиме кон таква институционална реформа“, изјави Костадиновски.
На прашањето кога ќе се создадат услови, премиерот Мицкоски изјави дека промената на Уставот е политичка тема и дека во моментот владата не размислува за отварање на Уставот.
„Промена на Устав е политичка тема која што во случајов вклучува правна тема, односно потребата Уставниот суд да добие некако своја тежина во самиот Устав. Замислете Уставен суд нема своја тежина во самиот Устав. Од првиот момент на осамостојување до денес ова се провлекува. И, сега ние сме дојдени до ситуација кога тоа што претставува товар на минатото треба да го решаваме и ќе го решиме кога ќе се создадат политички услови. Сега во моментот такви политички услови не се создадени. Еве да бидам попрецизен.
Претпоставувам дека самиот Уставен суд веќе размислува како отприлика би изгледала архитектурата на тој специјален закон, којшто ќе ги опфати и овие институти како што е уставната тужба и така натаму. Така што, се надевам дека наскоро може да се излезе со таков предлог закон, да се има јавна дебата, да се слушне и мислењето на јавноста, на стручната јавност, на останатите би рекол стејкхолдери и нормално да имаме еден готов документ којшто, кога ќе има политички услови за такво нешто, ќе биде донесен. Но, ќе повторам, во моментот Владата не размислува за отварање на Уставот и политичките услови за отварање на Уставот не се исполнети“, изјави Мицкоски.
Инаку, само Македонија во регионот го нема инструментот уставна тужба. Цели триесет години иницијативата за уставни измени и законодавни реформи поврзани со воведување уставна тужба, како механизам за директна заштита на основните слободи и права пред Уставниот суд никако да тргне од мртвата точка.
Голем број демократски држави го имаат ова правно средство со кое граѓаните директно располагаат за заштита на нивните основни права и слободи. И Венецијанската комисија е со став кој е во насока на фаворизирање на т.н. целосна, односно сеопфатна уставна жалба. Аргументите што го поткрепуваат овој став се: прво, дека уставната жалба овозможува најсеопфатна заштита на уставните права, второ, затоа што постои елементот на супсидијарност во контекст на обезбедување на правата гарантирани со ЕСЧП.
Во таа смисла со овој аргумент се истакнува една многу значајната и прагматична цел, а тоа е растоварувањето на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од зголеменото оптоварување и задолжување на домашните институции, односно, во прв ред, домашните судови да бидат ефикасни и ефективни во работата во делот на заштитата на фундаменталните права и слободи.
Уставната тужба или уставната жалба е специфично правно средство со кое граѓаните, а во некои системи и правните лица, имаат право пред Уставниот суд да бараат заштита на основните права и слободи, гарантирани со Уставот, како највисок правен акт. Заштитата се однесува на повреди сторени со поединечни акти на државните органи, на централно ниво, нецентралните органи на јавната власт (на локално и/или регионално ниво, зависно од системот на организација на власта), како и од правни лица со јавни овластувања.Дополнително, во некои правни системи, освен поради повреди сторени со актите на извршната власт, заштита може да се бара и поради повреди сторени со актите на судската власт.Уставната тужба/жалба, генерално се смета за ефикасно правно средство кое ја зајакнува положбата на поединецот и заштитата на неговите уставно гарантирани права и слободи.
Уставната тужба/жалба не претставува „упад“ во редовното судство, имајќи предвид дека примарната одговорност за судската заштита на правата и слободите ја имаат редовните судови. Компаративно, таа е дополнително правно средство кое може да се користи согласно со прописите и не го трансформира Уставниот суд во „четврта судска инстанца“, определувајќи ја неговата надлежност да одлучува за повреди на слободите и правата, гарантирани со Уставот (основни слободи и права), воведувајќи критериуми за допуштеност на уставната тужба/жалба, а пред сè искористувајќи ги, односно исцрпувајќи ги сите други достапни правни лекови, освен во исклучителни случаи каде повредата може да доведе до потенцијално голема штета.
Уставната тужба/жалба како правно средство, е присутна во повеќе правни системи во Европа. Во прв ред ја има во Сојузна Република Германија, а во регионов во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово.
Досега иницијативи за нејзиното воведување (преку иницијативи за амандманска измена на Уставот) имало во 2005 и 2014 година, но без успех.