Ни подготвува ли ЕУ нов студен туш?


Изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан во Европскиот парламент дека „ќе предложи влегување во подготвителна фаза на преговори“ за нашата држава, и покрај целата апатија околу напорите за евроинтеграција – одекна како бомба. Ај што никој никогаш досега не добил препорака за ваква фаза, која е тешко и да се запамети и да се објасни, туку тоа е којзнае кој пат нашата држава да не го добие тоа што и се ветува и најавува веќе со децении, во голем дел поради наша вина, но во голем дел и поради самата Европска Унија. Дека Брисел сега ќе измисли некаква подготвителна фаза за преговори, откако минатиот јуни измисли некаков квази скрининг пред да ни даде одлука за датум за преговори, не беше нешто што не можеше да се предвиди, бидејќи на секое скалило во евроинтеграцијата нашата земја добива уште едно скалило што не постоело за другите земји пред неа. Овој пат се претера, бидејќи станува се поочигледно поради внатрешните состојби и интереси во земјите членки на ЕУ се бараат само изговори како да не ни се даде датум откако го решивме спорот за името, што им беше универзален изговор.

Датумот се комплицира дополнително и поради настојувањето на шефицата на ЕУ-дипломатијата, Федерика Могерини, Македонија да оди во пакет со Албанија бидејќи Италија има поголем финансиски и други интерес во таа земја што, пак, ѝ пречи на Франција која силно се противи на наградувањето на Тирана. Претседателот Емануел Макрон, кој минатиот јуни стави вето на предлогот за преговори бидејќи не сакаше таа одлука да му влијае на шансите на европските избори, потоа ветуваше дека таа одлука мислел да ја направи само еднаш и да не ја повтори. Пред овој извештај сепак повторно стигнуваат информации дека Франција и Холандија се противат на датумот за Македонија. Дипломати надвор од ЕУ веќе се потсмеваат на начинот на кој се развлекува евроинтеграцијата на нашата држава, која сè повеќе наликува на шпанска серија без изгледи дека некогаш ќе дојде до завршница.

Вчера, и од Брисел стигнуваа дообјаснувања дека Европската комисија сепак во извештајот за прогрес ќе предложи почеток на преговори, но со оглед на отпорот на некои земји тоа да се прифати, а за да не останеме со празни раце, Хан ја нуди како резервна варијантата – влегување во подготвителната фаза за преговори. Претставник на ЕУ вчера за „Независен“ изјави дека ЕК веќе го подготвува извештајот за нас и дека „ЕК ќе ги презентира предлозите за преговарачката рамки за Северна Македонија и за Албанија само ако биде повикана да го направи тоа од Советот“.

„Советот за општи работи минатиот јуни усвои заклучоци кои го поставија патот кон отворање на преговори за прием на Северна Македонија и Албанија во јуни 2019 година. Комисијата во минатиот септември ја започна неопходната подготвителна работа, како што е наведено во заклучоците на Советот. Комисијата ги поддржува и ќе продолжи да ги поддржува двете земји за постигнување на понатамошни опипливи и одржливи резултати, особено околу судските реформи и борбата против корупцијата и организираниот криминал, сектори кои имаат големо влијание врз граѓаните на двете земји“, е пораката од претставникот на ЕУ.

Инаку, вчера во ЕП, Хан порача дека нашата држава не само што испорачала реформи туку е и единствена држава во регионот која нема ниту еден отворен спор со соседите, така што да и се даде датум за преговори е прашање на кредибилитетот на ЕУ.

„Сакаме да го започнеме овој иницијален процес кон пристапни преговори. Сите стануваат нервозни кога се зборува за оваа идеја, но оваа клучна одлука само ќе значи дека можеме да започнеме со подготвителната работа за отворање на првото поглавје. Повторно треба да има едногласна одлука поддржана од сите земји членки за тоа кои ќе бидат одредници за отворање, односно критериумите за отворање на преговорите пред воопшто да започнат тие,но ќе биде јасен сигнал до нашите партнери дека ако испорачале, тогаш и ние мораме да испорачаме. Ова е прашање на доверба и на политичко влијание во регионот, рече вчера Хан во ЕП. На прашањето на МИА дали има некакви промени во односот на ЕК кон нас и кои се неговите очекувања за јунскиот Совет, Хан одговорил:

„Ништо не очекувам и не сакам да шпекулирам. Сакам да бидам кристално јасен дека она што се обидуваме да го постигнеме е договор за да почнеме да ги подготвуваме преговорите. Реков дека е прашање на кредибилитет и одговорност како ЕУ, да се започне процесот, чиј следен чекор ќе биде отворање на следните поглавја“.

Вицепремиерот Бујар Османи и вчера очекуваше во јуни да добиеме одлука за започнување на преговори , т.е. потврда на датум со кој ќе и се даде мандат на ЕК да подготви преговарачка рамка, така што на крајот на годината би се одржала меѓувладина конференција меѓу нашата држава и земјите членки. Според Османи, тоа сакал да го каже Хан, дека во јуни нема да го отвориме првото поглавје ако биде донесена одлуката за преговори, туку дури по меѓувладината конференција, во јануари. Сепак, тој не можеше да потврди дека сигурно ќе добиеме датум за преговори. И министерката Радмила Шекеринска вчера тврдеше дека пораката на Хан не била таква како што се сфаќа и дека не станува збор за одлагање ниту за отфрлање на преговорите за прием. Искуството досега со одлуките на Европскиот совет сепак не одат во прилог на оптимизмот. (С.Ј.)