Ни денар од буџетот не е потрошен за 8 Септември. Компании ја платија прославата, вели Мицкоски


Од концертот на Хозе Карерас на скопскиот плоштад (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Штип одговарајќи на новинарско прашање во врска со сумата која е потрошена за организирање на настаните поврзани со одбележувањето на 35 годишнината од независноста на државата, истакна дека Буџетот и граѓаните сето ова ги чинело нула денари и сите активности биле организирани од општественo одговорни компании.

„Имам лоша вест за сите оние кои шпекулираа, негодуваа, клеветеа, пласираа лажни информации, а молчев. Не сакав да зборувам затоа што оставав сето тоа што претставуваше навистина посебен момент за градовите низ земјава да биде посебен момент и за граѓаните во тие градови. Лошата вест е дека буџетот сите овие настани го чинат нула денари. И граѓаните и буџетот сите овие настани ги чинат нула денари“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на спортската сала „Џексон“ во Штип.

Тој нагласи дека сето ова што го говори може слободно да се провери на „Отворени финансии“ и нагласи дека сè било организирано од општествено одговорни компании.

„Така што жалам што кај поединци работи Фројд, што мислат како тие би правеле, па мислат дека и некој друг така прави. Но, ова е домаќинска Влада. Ова е Влада промакедонска, која се грижи за граѓаните, пронародна, и секој денар, секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин“, рече Мицкоски.

Премиерот сепак не кажа колку чинела организацијата на овие настани и колку пари за тоа одвоиле „општествено-одговорните компании“.