Ни 50-тина полицајци не можеле да ја спречат забавата без протокол во „Мош“
И покрај кривичната пријава за пречекорување на работното време за барот Мош во центарот на Скопје, тој синоќа повторно работеше непречено. Интервенирал Пазарниот инспекторат во придружба на околу 50 полицајци, но забавата не била прекината.
Полицајците синоќа влегле во „Мош“ и им посочиле на вработените да ги оддалечат масите и да отстранат дел од инвентарот, односно да постапат согласно со протоколите и да обезбедат дистанца. Но кога инспектoрите заминале од локалот, сопствениците повторно ги вратиле масите.
Медиумите јавија дека во локалот повторно настапува Владо Георгиев. Поради тоа, сега е поднесена и кривична пријава за загрозување на јавното здравје, а сопственикот е казнет со 4.000 евра.
Директорот на инспекторатот, Стојко Пауновски за Фактор изјавил дека десетина екслузивни локали, меѓу кои и познатиот лаунч бар„ Интермецо“ во Капиштец, постојано ги прекршуваат протоколите, а со тоа им нанесуваат штета и на останатите локали, бидејќи властите сериозно размислуваат за повторно воведување на рестриктивните мерки кои директно ќе се однесуваат на работата на угостителските објекти, кафулиња, ресторани, барови…
Пауновски смета дека мора да се направат законски измени со цел инспекторите да може на лице место да стават клуч на врата на локалите кои не се придржуваат до протоколите за работа во време на епидемија.
-Бројот на новозаразени секојдневно расте, епидемиолошката состојба е се полоша, но свеста кај граѓаните е на најниски гранки. За жал не помагаат казните, изјави Пауновски.