Независност и непристрасност на судството, тема на Осмиот регионален Форум за владеење на правото во ЈИЕ


Форумот за владеење на правото во Југоисточна Европа што се одржува денеска и утре ќе ги обедини судиите на Европскиот суд за човекови права и претставниците на правосудните институции од седум држави на Југоисточна Европа. Темата на овогодинешниот форум е: Независност и непристрасност на судството.

Форумот ќе им даде можност на европските правни експерти да говорат за примената на праксата на Европскиот суд за човекови права за независноста и непристрасноста на судството и предизвиците со кои тие се соочуваат.

Форумот е организиран од AIRE Центарот и Civil Rights Defenders, поддржан од Владата на Обединетото Кралство, Кралството Шведска и Фондацијата Конрад Аденауер.

На централната конференција која ќе се одржи во Дубровник (Република Хрватска) ќе присуствуваат Роберт Спано, претседател на Европскиот суд за човекови права, актуелни и поранешни судии од овој суд, како и Томас Маркерт, поранешен директор и секретар на Венецијанската комисија при Советот на Европа.

Во исто време, претседатели и судии на врховните и уставните судови, омбудсмани, застапниците на државите пред Судот во Стразбур, претставници на судовите, факултетите, невладините организации и правни експерти од седум земји од Југоисточна Европа ќе се обединат во регионалните работни центри во главните градови: Белград , Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје, Тирана и Загреб. Тие ќе учествуваат на овој настан преку видео врска.

За време на четирите сесии, учесниците ќе разговараат за клучните критериуми за утврдување на независноста и непристрасноста на судството, односот помеѓу независноста и непристрасноста со другите членови од Европската конвенција, улогата на судството, медиумите и другите гранки на власта како и клучните предизвици и добрите практики во регионот на Западен Балкан.

Форумот за владеење на правото во Југоисточна Европа е еден од најважните годишни настани за претставниците на судството, правниците и претставниците на невладините организации од регионот.

Целта на Форумот е да ја промовира имплементацијата на Европската конвенција за човекови права на државно ниво, да ја поттикне регионалната соработка во континуираниот развој на владеењето на правото и човековите права и да обезбеди помош во процесот на интеграција на регионот во Европската унија.