Независни за Карпош: Партиите добиваат милиони евра за никакви резултати

Во држава која важи за сиромашна, задолжена и со масовна емиграција, политичките партии добиваат милиони евра од нашиот буџет — без никаква гаранција за резултати, отчетност или реална корист за граѓаните, соопштија денес од „Независни за Карпош“ преку објава на социјалните мрежи.Во неа стои:
Како се финансираат партиите од буџетот?
Според Законот за финансирање на политички партии:
• Член 9: Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии изнесуваат 0,15% од вкупните изворни приходи на државниот буџет.
• Член 10: Средствата се распределуваат:
30% еднакво на сите партии што освоиле најмалку 1% од гласовите на последните избори.
70% пропорционално според бројот на избрани пратеници и советници.
Средствата се исплаќаат секоја година до наредните избори.
Зошто постојат толку многу мали партии?
• Многу од нив немаат реална шанса да освојат мандати, но сепак учествуваат на избори.
• Со само 1% од гласовите во една општина, тие добиваат право на државни средства.
• Ова создава систем на „платено постоење“, каде што големите партии ги поддржуваат малите — не заради идеологија, туку заради контрола врз гласовите кои не се под нивна капа.
Примери од минатите локални избори:
Општина Ранковце: Вкупно избирачи: 3.074, гласале: 2.228. Интегра само со 43 гласа има 1,93% од гласовите и го исполнува условот да добие пари од државата.
Општина Демир Капија: Вкупно избирачи: 3.370, гласале: 2.474. Единствена Македонија – ЕМ со 37 гласа има 1,5% од гласовите и го исполнува условот да добие средства.
Дали е ова купување на политичко влијание? Според Д’Онтовиот модел, распарченото гласачко тело им оди во прилог на големите партии. Малите партии добиваат пари, но не добиваат реална моќ — освен ако не се приклучат на некоја владеачка коалиција.
Што значи ова?
• Големите партии добиваат најмногу, но многу мали партии добиваат значителни суми, иако немаат реална политичка тежина.
• Системот овозможува финансиско опстојување на мали партии, што може да биде начин за контрола на гласачкото тело и одржување на статус-кво.
• Над 60 партии добиле пари. Најголем дел од нив немаат ниту еден пратеник или советник, а за голем број јавноста и не знае дека постојат. А парите се наши — од даноци, од кредити, од иднината.
Колку пари добиле партиите во периодот од 2021 до денес?Погледнете ги нашите анализи!
Потребно е да се укине државното финансирање за локални избори, а за парламентарни да биде во висина на 3 месечни медијални плати за секој освоен пратеник. Вкупно за 120 пратеници, бројка која треба да се намали на 90, ќе се потрошат околу 150 илјади евра годишно, односно 100.000 ако се сведат на 90. Споредбено со €8.3 милиони за 2025 година.