Невреме во Македонија, поплавени улици, делови во Скопје без струја

Покрај силен и голем град што паднал во Лозово, во Тетово улиците, одредени подвозници и пониските дворови се речиси целосно поплавени, а и подрумите и приземјата на повеќе куќи


Силен дожд проследен со ветар и грмотевици, а некаде и со град денеска зафати делови од земјава, поплавувајќи улици, а во Скопје делови од градот останаа без струја повеќе од еден час.

Како што соопштија од Центарот за управување со кризи на нивната Фејсбук страница, превентивената препорака, односно апелот до граѓаните за внимателност заради силно локално невреме и можни опасни порои од обилен дожд – се уште постои.

Денеска уште од претпладневните часови има нестабилност во западните делови од земјава, најпрво во Охридско-Преспанскиот регион, а потоа интензивна линија на нестабилност се разви и се прошири од Полошкиот регион на југ се до Пелагонија. Од појави се забележани пороен дожд, интензивни електрични празнења, како и појава на град во Полошко, известија од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
 
 
Покрај силен и голем град што паднал во Лозово, во Тетово улиците, одредени подвозници и пониските дворови се речиси целосно поплавени, а и подрумите и приземјата на повеќе куќи.
 
 
Од ЦУК посочуваат дека регионалниот центар за управувањесо кризи РЦУК Тетово со дел од своите вработени е на терен и иницираше преку директен контакт со грдоначалникот на Општина Тетово свикување на локалниот Главен штаб за управување со кризи на Општина Тетово. Инаку, на терен со пумпи за испумпување на водата од критични места и помош на граѓаните се излезени Територијалната противпожарна единица и од ДЗС Тетово, припадници од МВР за регулирање на сообраќајот особено таму каде не може да се помине под поплавени подвозници.
 
(Фото: Фејсбук ЦУК)
Нестабилната облачна маса ги зафати и западните делови од Скопската Котлина, каде што, исто така, имаше пороен дожд и грмежи, а краткотрајно се можни и поинтензивни просеци со град и силен ветер.
До крајот на денот нестабилно ќе биде во поголем дел од земјава, наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголемо количество воден талог), електрични празнења, силен ветер и појава на град.