Невладините не им веруваат на владините – продолжуваат да собираат потписи за формирање партии


Фото: Б. Грданоски
Наместо решение, прават уште поголем хаос – вака претставници на независните граѓански иницијативи го толкуваат појаснувањето што стигна од Државната изборна комисија(ДИК) за тоа како тие можат да учествуваат на претстојните локални избори на 19 март, откако нивните кандидатури се проблематизираа поради правен вакум. Тие продолжуваат со собирањето потписи за да формираат политички партии, бидејќи не им веруваат на институциите.

 

Проблемот за независните настана откако минатата година беа донесени измени на Изборниот законик, со кои им се наметна повисок законски праг за да се кандидираат на избори, така што  наместо 1.000 потписи од избирачи во конкретна изборна единица, треба да обезбедат потписи од најмалку еден отсто од вкупниот број запишани избирачи, доколку станува збор за парламентарни избори. За локални избори претходно на независните кандидати за градоначалници и советници им се бараа меѓу 100 и 1 000 потписи во зависност од бројот на жители во општината. Уставниот суд ги укина одредбите кои ги регулираа условите за потребни потписи, а Собранието оттогаш не донесе нови измени со што се направи правна празнина што го проблематизира учеството на независните кандидати на изборите.

Скептицизмот кај невладините остана и откако Борис Кондарко, претседател ДИК, викендов изјави дека независните кандидати би можеле да поднесат листи на претстојните локални избори и без да собираат потписи.

„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуваат на изборите“, изјави Кондарко.

Тој најави дека ако Собранието не ги донесе измените во Изборниот законик пред почетокот на законскиот рок за собирање потписи (10 дена по распишувањето избори), ДИК ќе излезе со Упатство за кандидирање на независните кандидати.

Измените неколку месеци се во процедура, но не се изгласани во Собранието бидејќи, според премиерот Христијан Мицкоски, тоа го кочи ДУИ „поради барања кои немаат никаква логика и ниту некаде во светот се применуваат“. Имено од ДУИ  бараат кој било член во изборната комисија да има право да стави вето без разлика на одлуката на мнозинството.

„Ние како владина коалиција сме апсолутно подготвени уште утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши тоа. Ќе повторам, усогласен е од страна на политичките партии, зборувам за сите со исклучок на една што се премисли во последен момент. Ова е еден од тие закони коишто новиот деловник во Собранието овозможува филибастеринг од политичките партии“, изјави Мицкоски.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши  рече дека прашањето за учество на независните кандидати на претстојните локални избори ќе мора да се реши, но ни самиот не знаеше како и кога би се согласиле парламентарните партии да го донесат законот.

„Препораките на Уставниот суд беа да се донесе нов Изборен законик, кој ни е во процедура но не можеме да го поминеме, откако во март ги укина членовите со кои на независните кандидати им беа потребни зголемен број потписи за да се кандидираат на избори, но еве сега и на крајот на јули не се исполнети условите за да се донесат новите норми. Имаше согласност од големите партии, а се противеа ДУИ и Левица. Ако имаме услови до крајот на месецов би го изгласале, ако не, не знам. Ќе треба да се продолжи по старите решенија да се оди на избори. Ќе треба да најдеме решение“,рече Гаши.

Од Независните граѓански иницијативи за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека не веруваат во изјавите што доаѓаат од претставници на институциите, без да има официјални и јасни правила за нивното учество на изборите.

„Ние не чекаме повторно да си играат играчки со нас. Продолжуваме да собираме потписи и да формираме партија“, изјави Горјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“. Граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“ исто така најавија дека ќе формираат заедничка партија.

„Претседателот на ДИК најави Упатство, но ние сакаме да видиме официјален документ од изборната комисија како тело. Тоа што го слушнавме е изјава од поединец, без разлика што е претседател на ДИК“, вели претставник на овие иницијативи за РСЕ.

„Претставници на институциите со нејасното произнесување без да дадат официјални упатства за начинот на кој иницијативите можат да се кандидираат на изборите, кога веќе се распишани изборите и течат изборните рокови, се надоврзуваат на целосната конфузија која ја оркестрираа политичките партии за да ги истиснат „независните“ од играта“, објавија од „Шанса за Центар“.

Во деветте граѓански иницијативи кои бараат можност за рамноправно учество на изборите со поголемите партии се и битолската граѓанска листа „Поинаку“, струмичката „Стига е“ и тетовската „Подобро за Тетово. Сите се дел од граѓанскиот обид да се направат измени во функционирањето на општините преку Советите.

На локалните избори во 2021 година учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини. Тие освоија вкупно 56.000 гласови. Со тоа, станаа четврта политичка сила во државата. Најмногу независни листи имаше во Кавадарци и во Македонски Брод – по пет.

Крајниот рок за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници е 15 септември.