Невена Георгиевска нов независен кандидат за градоначалник од „Независни за Карпош“

Невена Георгиевска, актуелна советничка на граѓанската иницијатива „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“, ја објави кандидатуата за градоначалничка на Општина Карпош на престојните Локални избори.
„Одлуката не беше лесна, но визијата за Карпош – Општина на граѓаните, може да ја понуди само граѓански кандидат. Може колку саакат да пишуваат програми и да ви ветуваат остварување на сите ваши барања и решавање на сите проблеми во Карпош, но реалноста е поинаква. Никаде во тие програми нема да се спомнат оние големи проекти кои поголемиот број на жители на Карпош не сакаат да ги слушнат – проектот за Алумина!, ДУП-ови со градби по мерка на одредени инвеститори. Уредување на кејот – да за спорт и рекреација, но кафани, паркинзи не спаѓаат во тоа. Не е целта да ветам катни гаражи и паркнизи и добијам гласови на одредена група, но во близина на тоа да одобрам зграда со која ќе се пополнат сите тие паркинзи. Пошироки улици за комотен сообраќај – не, улици со безбедни велосипедски патеки, природни сенки и чист воздух за да може нормално да се движиме, спортуваме и дишеме. Иако фокусот на Локалните избори се градоначалниците, Советот има клучна улога во носење на одлуки и градоначалникот е тој што треба да ги слуша, прифаќа и разговара за нивните идеи без разлика дали се политички противници и никогаш да не заборави дека тие се претставници на граѓаните“, вели Герогиевска во фејсбук објавата за кандидатурата.
Георгиевска на минатите Локални избори беше носителка на листата за советници во општинскиот Совет на иницијативата „Независни За Карпош – За Заштита на Карпош“, која освои 2 советнички места, со Георгиевска и Татјана Стојановска.
Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.